Според информациите, постојат два модела за 36 екипи и секој вклучува 10 натпревари во групата. Едниот модел е тимовите да бидат поделени во шест групи, со мечеви дома и на гости, а другиот сите екипи да играат по 10 натпревари против 10 различни противници, слично на т.н. швајцарски систем
ФУДБАЛ
Европската фудбалска унија (УЕФА) се подготвува за зголемување на бројот на тимовите во групната фаза во Лигата на шампионите (ЛШ), од сегашните 32 на 36 екипи, од сезоната 2024/2025, а според тоа секоја екипа би одиграла по 10 натпревари во групата, пишува британски „Телеграф“.
На ваквите планови за проширување што се појавија во оптек во почетокот на годинава се гледа како на начин да се избалансираат барањата на најголемите европски клубови и лиги, но и на оние од послабите лиги во Европа за дополнителни места во Лигата на шампионите.
Дискусиите за форматот на европските клупски натпреварувања по 2024 година треба да продолжат наредните недели. Се очекува конечната одлука да биде донесена в година.
Според информациите, постојат два модела за 36 екипи во Лигата на шампионите и секој вклучува 10 натпревари во групната фаза. Според првиот модел, тимовите би биле поделени во шест групи и би играле едни против други, дома и на гости. По два најдобри тима од секоја група (12), плус четирите третопласирани со најдобар скор би се пласирале во осминафиналето. Според вториот модел, 36-те тима би играле по 10 меча против 10 различни противници, одредени според систем дизајниран за секој тим, слично на т.н. „швајцарски систем“ што се користи во американските лиги. Најдобрите 16 екипи би се пласирале во нокаут-фазата.
Се претпоставува дека постои сѐ поголема поддршка за „швајцарскиот систем“, бидејќи се смета дека сегашниот модел што се користи во групните фази во Лигата на шампионите, во кој тимовите во групата играат по двапати со три противници, е надминат, а предложениот „швајцарски систем“ би овозможил повеќе дуели меѓу водечките тимови во групната фаза и би бил попривлечен за ТВ-компаниите.