Алиоски го постигна голот за израмнување / Фото: Игор Бансколиев

Македонија повторно ремизира со Грузија, 1-1, во 4-то коло на второто издание на Лигата на нации, лига Ц. На 12 ноември, пак, Македонија ќе ѝ гостува на Грузија во финалето од плејофот од минатиот циклус на натпреварувањето, за пласман на ЕП 2020

ФУДБАЛ – ЛИГА НА НАЦИИ

Два освоени бода од можни шест е ефектот на Македонија по двата октомвриски меча во групата 2, лига Ц, во Лигата на нации (ЛН) во фудбал, по ремито во средата против Грузија во Скопје, 1-1 (стрелци: Езгјан Алиоски 90+3 од пенал – Квича Кваратскелија 74), како и на првиот меч во Тбилиси, и против Естонија (3-3) минатата недела во Талин. Македонија е на челната позиција во групата што води во повисок ранг, во лига Б. Последните два натпревари од второто издание на групната фаза на ЛН, во ноември, се дома со Естонија и на гости со Ерменија.
По двата меѓусебни дуела во период од еден месец и по мечевите со другите две селекции во групата, јасно е дека за двајцата селектори, македонскиот Игор Ангеловски и грузискиот Владимир Вајс, нема тајни околу тоа кој како и што игра, кои се добрите, но и лошите страни на противникот, што значи дека во најважниот, историски дуел за двете селекции, на 12 ноември во Тбилиси, ќе решаваат нијансите.

Тоа ќе биде меч за пласман на Европското првенство в година, за настап во групата Ц, во која се Холандија, Украина и Австрија и чии средби се играат во Букурешт и во Амстердам.
– Овој меч покажа дека Македонија никогаш не се предава и повторно којзнае по кој пат покажа карактер. Големо браво за сите, на чело со капитенот. Не е лесно да се одиграат три меча за кратко време, имавме и повредени, болни. Битно е што ги оствариме целите, првата беше да го победиме Косово, а втората да бидеме први во групата. Сега со сите мисли сме насочени кон новиот дуел со Грузија, потоа ќе размислуваме за преостанатите мечеви во Лигата на нации – рече Ангеловски. 


Што решава во случај на бодовна израмнетост?

Во случај на ист број бодови по шест кола во фудбалската Лига на нации, прво решава меѓусебниот скор на изедначените репрезентации, потоа се гледа гол-разликата во тие дуели, па вкупната гол-разлика во групата, вкупно постигнати голови, погодоци на гости, вкупно победи, победи на гости, дисциплина и пласман на ранг-листата за Лигата на нации.