Добивањето томос за автокефалност на Македонската православна црква – Охридска архиепископија е прашање од национален интерес, кое треба да резултира со потврда на македонската (не само црковна) самостојност и посебност. Но како да се стигне до посакуваната национална кохезија, која создава кохерентна целина за поддршка на тој процес? Одговорот за тоа пред себе треба да го имаат сите општествени чинители
Односот кон МПЦ-ОА како заеднички именител на двете најголеми политички партии во Македонија
Добивањето томос за автокефалност на Македонската православна црква – Охридска архиепископија е прашање од национален интерес, кое треба да резултира со потврда на македонската (не само црковна) самостојност и посебност. Но како да се стигне до посакуваната национална кохезија, која создава кохерентна целина за поддршка на тој процес? Одговорот за тоа пред себе треба да го имаат сите општествени чинители. Но создавањето кохерентна целина токму по прашањето за меѓународното признавање на МПЦ-ОА зафаќа не само чинители од сегментот на црковната власт, туку многу пошироко. Сведоци сме дека поради огромната специфична тежина на ова прашање, активно и самоиницијативно се вклучија две највисоки институции во земјава: претседателот на државата и претседателот на Владата. Но можат ли другите општествени чинители, како политичките партии или, најпосле, целата македонска јавност и граѓаните да бидат генераторот што ќе даде силен импулс за позитивно решавање на ова прашање?
Факт е дека политичките партии, како основен градбен елемент на политичкиот систем, претставуваат агрегација на интересите во рамките на партијата. Но наедно, тие мобилизираат и голем број граѓани. Иако тие меѓу себе се разликуваат во политичките програми и дејствувањето, сепак, постои нешто заедничко, што е од повисок општествен интерес. Овој пат, тоа е проблемот на МПЦ-ОА, која од повеќето партии е оценет како стратегиска цел. Односот кон МПЦ-ОА станува остварување на т.н. принцип на заедничка политичка резултанта на политичките партии, заради националниот интерес. Токму тоа е примерот што подразбира и мобилизација на членството за да го препознаат националниот интерес.
Свесни за историскиот момент
Поранешниот македонски амбасадор во Рим, Оливер Шамбевски, веќе повика на потреба од поголема размена на информации меѓу МПЦ и политичките лидери.
– Јас најискрено и најубедено тврдам дека имаме среќа што на кормилото на МПЦ во моментов во ликот на архиепископот Стефан имаме многу искусен и мудар човек, кој е одличен познавач на овие процеси, одличен дипломат и пред сѐ многу трпелив човек. Затоа сметам дека ова прашање треба да се остави да го реши црквата без малициозно и дневнополитичко мешање на државата и политичките партии. Ако државата, ако политичките партии (сите македонски политички партии) не го препознаат ова, тогаш се или апсолутно незрели или ги немаат македонските интереси предвид – посочува Шамбевски.
За да бидам докрај јасен и искрен, вели тој, не сугерирам да стоиме на страна оти тоа е невозможно за едно вакво прашање, за кое грчевито се држиме како стожер на себеопределбата (признале ние или не), особено во атмосфера на атпазарско распродавање на суштинските вредности и одредници на овој народ. – Ама, затоа велам дека е нужно сите да помогнеме со здрав разум и со добра информираност, акцентот ставен на информираноста. МПЦ би можела да ги избрифира лидерите на главните политички чинители во општеството и да им образложи што им е нужно од нив како поддршка. Имајќи го предвид значењето на ова прашање, пред сѐ, за верните, ама и за сите други ги повикувам и владиците помудро и неинаетчиски да пристапат кон прашањето за генерирање сеопшта поддршка – нагласува Шамбевски.
Според него, треба сите да сме свесни за историскиот момент и да помогнеме со нашата внимателност и трпеливост.
– Владиците со земање предвид сѐ, и дијаспората како нераскинливо наше ткиво, и копнежот на верните дома, и историското значење на овој здрав столб на овој народ или како што ќе кажете во олтарот за сите и за сѐ, оти поинаку не може – вели поранешниот амбасадор.
Поголема размена на информации со јавноста
Јавноста исто така е важен дел од градењето на тој општ национален интерес. Таа врз основа на проверени информации треба да одолее на манипулациите и спинувањата што ќе се случуваат во овој период.
Која улога би можела да ја има самата МПЦ во тоа, е прашање на кое одговорот треба да дојде од самите владици.
Самата МПЦ би можела да биде алка што ќе го поврзува тоа национално единство, со тоа што на политичките лидери би им овозможила доволно информации за текот на процесот и крајната цел, бидејќи во преговорите со Вселенската патријаршија, сепак, црквата е главниот актер.
Од МПЦ-ОА велат дека идејата за поголема размена на информации со политичките лидери за градење национално единство е добра, но сѐ уште не знаат кои позиции би се наметнале.
Владиката Тимотеј, надлежен за Дебарско-кичевската епархија, вели дека на Синодска седница ќе биде разгледувани состојбите што изминатиот период се наметнале за прашањето на автокефалноста на нашата црква.
– Сѐ уште немаме датум кога би се состанале. Но секако дека за тоа ќе ги известиме медиумите. Важноста на ова прашање секако дека ги засега сите чинители во земјава – кратко одговори г. Тимотеј.
Силна поддршка од државата
Изминатиот период силна поддршка за ова прашање дојде од државните институции. Претседателот и премиерот испратија писма до Вселенската патријаршија со кои побараа тој да го искористи своето право на апелација за решавање на македонското црковно прашање.
Претседателот Стево Пендаровски на 16 септември годинава испрати писмо до вселенскиот патријарх, во кое бара патријархот да го употреби своето апелациско право, со што македонските граѓани од православна христијанска вероисповед, конечно, ќе ја добијат можноста да бидат еднакви со сите други православни христијани во светот.
Премиерот Зоран Заев во писмо до цариградскиот патријарх вели дека православниот народ во нашата земја заслужува црковна независност и автокефална МПЦ-ОА со благослов и писмена одлука од цариградскиот патријарх Вартоломеј.