Фото: Маја Јаневска-Илиева

Селекторот на Македонија, Игор Ангеловски, ќе може да смета на капитенот Пандев, кој пристигна во Скопје по многуте перипетии поврзани со голем број позитивни тестови на ковид-19 во неговиот клуб Џенова

ФУДБАЛ – ВО ПРЕСРЕТ НА ПОЛУФИНАЛЕТО ЗА ПЛАСМАН НА ЕП 2021

Македонската фудбалска репрезентација вчера со попладневниот тренинг ги почна мини-подготовките за полуфиналниот плејоф-меч од првото издание на Лигата на нации (ЛН), лига Д, за пласман во завршницата на Европското првенство (ЕП) во 2021 година, против Косово, во Скопје (арена „Тодор Проески“, четврток, од 20.45 часот), како и за двата меча во новиот циклус натпревари во ЛН, против Естонија во Талин (недела) и против Грузија во Скопје (14 октомври).
Горан Пандев пристигна во Скопје по перипетиите поврзани со многуте позитивни тестови на ковид-19 во неговиот клуб Џенова. На овие средби нема да игра Елиф Елмас од Наполи, кој е позитивен на ковид-19. Од Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) велат ќе нема други отсуства поради повреди и слично, што значи дека селекторот Игор Ангеловски ќе може да смета на сите повикани играчи.

Победникот од дуелот Македонија – Косово, кои ќе го играат првиот меѓусебен натпревар, ќе се сретне со победникот од вториот полуфинален плејоф-меч од лига Д, Белорусија – Грузија, на гости, на 12 ноември. Победникот од тој дуел ќе настапи на Европското првенство в година, во групата Ц или Ф.
– Ова е историски натпревар за македонскиот фудбал, бидејќи никогаш порано не сме стигнале до плејофот. Имаме почит кон Косово, тие покажаа многу квалитет во квалификациите, но веруваме во себе. Ова е златна можност за нас и ги уверувам нашите симпатизери дека ќе дадеме сѐ од себе за да стигнеме до финалето на плејофот – гласи изјавата на селекторот на Македонија Ангеловски на интернет-страницата на Европската фудбалска унија (УЕФА) пред дуелот со Косово.