За двата јубилеја на атрактивната „Галичка свадба“, 55 години од нејзиниот почетокот, во 1963 година, и 45-то издание, викендов во одлична организација, во извонредни временски услови, на десетина локации, на присутните им беа презентирани триесетина свадбарски обичаи, проследени со изворно пеење на автентични обредни песни.
Некогашни жители и галичани по потекло ја продолжуваат вековната традиција на „Галичката свадба“, со свадбарските обичаи и ритуали во оригинална изведба и со автентична галичка носија, да не се заборави наследеното народно културно богатство, фолклорот, обредните песни. „Галичката свадба“ уникатна и неповторлива, со многу епитети во 55-годишното опстојување го привлекува вниманието на посетители од целиот свет.
Ова 45-то јубилејно издание беше под покровителство и присуство на Зоран Заев, претседател на Владата на Република Македонија. Во Галичник беа и министри од неговиот кабинет, пратеници, амбасадори на повеќе амбасади акредитирани во Македонија и по слободна процена околу 6.000 посетители од сите краеви на нашава држава, туристи од многу држави на Европа, САД и Австралија.
Тања Лепчевска, по потекло од Галичник, и нејзиниот избраник Злате Димовски од Скопје, невеста и зет, во црквата „Св. Петар и Павле“, судбоносното „да“ го изрекоа пред бога и пред јеромонахот Ефросиниј и свештеникот Миле Ангеловски од Бигорскиот манастир.
– Возбудени сме и пресреќни што бевме зет и невеста на „Галичка свадба“. По малку имавме трема, што е нормално, бидејќи очите на посетителите беа вперени во нас, многу камери, фотоапарати го следеа нашето движење. Презадоволни сме што ја имавме таа чест и можност да се венчаме во преубавиот Галичник според традиционалните обичаи – ни рекоа младенците Тања и Злате.
Во саботата вечер беа изведени обичаите китење на свадбарскиот бајрак и поставување на куќата на зетот и притоа со „фрлање“ три пушки беше означен почетокот на свадбата. Свекрвата го одигра свекрвиното оро, а пред тоа игроорците на КУД ги одиграа антологиските ора „Невестинското“ и „Тешкото“. Импресивна беше глетката кога сватовите со борина в рака ја однесоа момата да наполни вода на три чешми.
Како увертира на годинешната „Галичка свадба“, во петокот навечер, на платото на чешмата „Умија“ концерт за паметење изведоа гитаристот Влатко Стефановски и оперската дива, галичанката Весна Гиновска-Илкова.