Уметникот Јержи Калина за стогодишнината од раѓањето на Иван Павле Втори, пред Националниот музеј во Варшава, постави скулптура од починатиот папа. На скулптурата е прикажан починатиот папа Иван Павле Втори со метеор во рацете, а стои во базен со црвена вода, која претставува крв.
Инсталацијата е наречена „Отровен извор“, а Калина ја направил како одговор на контроверзната уметничка инсталација на уметникот Маурицио Каталан. Тој во 1999 година, на Венециското биенале, ја изложи восочната фигура на папата Иван Павле Втори, кој тогаш беше жив, како го удира метеор. Делото „Ла нона ора“ било изложено во 2000 година, во галеријата „Зачета“ во Варшава, а предизвикало толку многу контроверзии што двајца членови на полскиот парламент, Налин Новина Конопка и Витолд Томчак, се обиделе да го тргнат метеорот од папата и да го исправат на нозе.
Тогашната управничка на музејот Анда Ротенберг морала да поднесе оставка по лавината критики и антисемитските навреди. Парламентарецот Томчак дури и јавно ѝ предложил Ротенберг, која е Еврејка, да се пресели во Израел и таму да постави инсталација од рабинот.
Каталан не сакал да ги коментира контроверзиите, единствено рекол дека „Ла нона ора“ е само лоша шега, која е сфатена премногу сериозно, а на крајот не е ништо друго освен парче восок. Изгледа во Полска не ги заборавиле овие навреди, па за стогодишнината од раѓањето на Иван Павле Втори се огласи Калина.
– Уметникот верува дека Јован Павле Втори не е беспомошен старец здробен под метеор, туку титан со моќ на суперхерој. Тој е човек што одигра клучна улога во модерната историја на Полска и Европа и го поттикна процесот на историска, социјална и духовна трансформација – пишува во соопштението од музејот.