На екраните се врати оригиналната сатирична ТВ-серија „Спитинг имиџ“, која се емитуваше во 1980-тите и 1990-тите години и се вртеше околу Маргарет Тачер, членовите на кралското семејство и други познати личности од јавниот и од политичкиот живот. Бурниот период во кој живееме е преполн со потенцијал за сатира, па не чуди што креаторите на оваа славна серија речиси по четврт век се одлучија за нејзино воскреснување, објавувајќи видео на кое се редат денешните поп-ѕвезди како Били Ајлиш, Кање Вест и Ким Кардашијан, европските политичари предводени од Ангела Меркел. Тука е и урнебесниот, а донекаде контроверзен приказ за поткуп на папата, но и сцената за која зборува цела Британија во која Доналд Трамп и Борис Џонсон во сауна јадат пилешко потопено во сопствената пот, а идилата им ја руши Путин опкружен со две вештачки убавици.

Новата „Спитинг имиџ“ предизвикува скандали уште пред првата епизода, но за отровната политичка сатира тоа може да биде само добро.
Кога ќе се спомнат британски црн хумор и паметна политичка сатира, многумина прво помислуваат на легендарните „Монти Пајтон“, а дури потоа на сериите како „Црна змија“ и „Ало, ало“ со кои израснаа генерации Британци, но и гледачи на подрачјето на поранешна Југославија.
Помеѓу култните британски серии што немилосрдно ги исмејуваа славните и историски личности е и „Спитинг имиџ“, сатирична куклена серија што на британските телевизии траеше неверојатни 18 сезони, во текот на кои се прикажани 132 епизоди во траење од 30 до 60 минути.

Тоа беше крајот на осумдесеттите и почетокот на деведесеттите, па не зачудува тоа што нејзини главни ликови, според многумина беа омразената Маргарет Тачер, членовите на британското кралско семејство, вклучувајќи ја тогаш и леди Ди, ѕвездите од сапуницата „Династија“ предводени од страсниот Џон Колинс. Освен тоа што сурово ги исмејуваше тогашните социјални норми и оние што ги креираа, па покрај екраните привлече милиони гледачи, „Спитинг имиџ“ освои и десетици најпрестижни награди како „еми“ и „бафта“.