Три лица биле тешко повредени во три од вкупно 30 сообраќајки случени во текот на изминатиот викенд. Во 16 сообраќајки биле полесно повредени 28 лица, а во 11 била причинета материјална штета.
Од МВР информираат дека викендов сообраќајната полиција открила и санкционирала поголем број прекршоци. Двесте и шест возачи се движеле со брзина поголема од дозволената, седум поминале на крстосница на црвено светло, пет не дале првенство на минување на пешаците на обележан пешачки премин, двајца за неправилно престројување, еден за неправилно престигнување, двајца не дале првенство на минување на возила во зона на крстосница, a 26 возачи користеле мобилен телефон за време на управување на возилото.
Санкционирани биле и шест пешаци кои поминале коловоз вон пешачки премин и двајца пешаци кои поминале коловоз на црвено светло.
Од сообраќај биле исклучени 38 возачи кои го управувале возилото под дејство на алкохол, 41 возач пред да се стекнат со право на управување на моторно возило, четворица возачи почетници, како и две технички неисправни возила, 34 нерегистрирани возила и едно возило за претовар. Затекнати биле 150 непрописно паркирани возила.
Со помош на специјалното возило пајак, отстранети биле 128 возила.