Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги одржа координативен состанок со снабдувачите на топлинска енергија Снабдување со топлина БЕГ, ЕСМ Енергетика и Скопје Север. Претставниците на енергетските компании разговараа со регулаторите за подготвеноста на топланите за снабдување со топлинска енергија во пресрет на новата грејна сезона 2020/2021 година.
– БЕГ, ЕСМ Енергетика и Скопје Север ги имаат направено сите неопходни подготовки за старт на грејната сезона. Две опции се можни во однос на почетокот на грејната сезона. Според првата, грејната сезона започнува на 15 октомврии трае до 15 април наредната година. Според втората опција, по исклучок, снабдувањето може да започне и од 1 октомври доколку прогнозата за средната надворешна температура за следниот ден е помала или еднаква од 12 степени целзиусови, според податоците на УХМР. Инаку сите три топлани согласно препораките од Министерството за Здравство се соодветно организирани во тимови кои ќе работат на смени се со цел да им излезат во пресрет на потребите на потрошувачите. Во изминатиот период поради состојбата со Ковид 19 најголем дел од енергетските компании ги дигитализираа услугите, за информирање и пријавување на дефекти за сервис преку соодветни платформи на нивните веб страни.
Да ве информирам дека до 31 октомври поедноставени се условите за исклучување на корисниците на топлинска енергија од системот чии што станови се празни, односно не се користат. Граѓаните ќе треба да достават само барање за исклучување и изјава до Снабдувачот, кое практично и автоматски ќе се прифати, со што овие граѓани ќе го плаќаат фиксниот надоместок за топлинска енергија. Но, по завршувањето на грејната сезона овие граѓани ќе мора да потврдат дека станот бил празен во текот на грејната сезона со тоа што во мај наредната година ќе треба да приложат сметки за електрична енергија со максимална дозволена фактурирана потрошувачка до 50 кв/ч месечно или максимално до 350 кв/ч за изминатата грејна сезона – изјави претседателот на Регулаторната комисија, Марко Бислимоски.
Во Скопје вкупно околу 60.000 домаќинства и објекти се греат на топлинска енергија. Од почетокот на годината до сега има околу 1 000 нови потрошувачи приклучени на системот за дистрибуција на топлина.