Во издание на издавачката куќа „Антолог“ излезе новиот роман на Владимир Јанковски, „Скриени желби, немирни патувања“. Тоа е мозаичен роман во кој врз основната приказна за четири лика се вкрстуваат приказните на педесетина луѓе од различни географски меридијани.
– Книгата претставува микс од приказни, преплетени и вмрежени меѓу себе, доловени со многу детали, хаику-моменти, филмски секвенции, духовни епифании. Ова е роман за интеракцијата меѓу личното и надворешното, за начинот на кој атмосферата и ситуациите ги обликуваат нашите внатрешни пејзажи, за потребата да се раскажуваат приказни и да се пронаоѓаат сјајот и лагата во нив – се вели во најавата.
Според рецензентката на книгата, Оливера Ќорвезироска, „во контекст на актуелната македонска продукција, со својот најнов роман, Јанковски го потврдува веќе освоеното место на различен во однос на тековните книжевни манири и пози; автентичен во однос на неговиот поширок книжевен интерес, свој и препознатлив глас во однос на сиот гргорлив шум на квалитетна романескна продукција последниве години“.
Владимир Јанковски (Скопје, 1977 година) дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност на филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.
Работел како уредник во повеќе издавачки куќи. Ги објавил следниве книги: „Невидливи љубови“ (роман, 2015), „Вечно сегашно време“ (роман, 2010), „Лицата на невидливиот град“ (заедно со Иван Блажев, фотоесеи, 2010), „Скопје со широко отворени очи“ (заедно со Иван Блажев, фотоесеј, 2008), „Огледало за загатката“ (2003, разговори со Влада Урошевиќ). За романот „Невидливи љубови“ ја добил наградата „Рациново признание“ и бил македонски кандидат за наградата „Балканика“. Активно се занимава со книжевен превод.