Од 18 до 20 септември во Битола ќе се одржи 12. издание на Фестивалот на музика од светот.
– Светот, поради пандемијата, денес ни е домашниот свет, а нашите уметници ги поддржуваме целосно зашто само така ќе ја спасиме културата. Оваа година музиката ќе се спои со актерскиот перформанс, со ритми од сите меридијани, за да потврдиме дека ова е фестивал на музика од светот, но создадени дома – изјави Маја Андоновска-Илијевски, директор на НУ Центар за култура – Битола, кој е организатор на овој фестивал.
Во трите фестивалски дена публиката ќе може да ужива на Хераклеја на 18 септември, каде што ќе биде изведен музичко-актерскиот перформанс „Патеки“. Во изведба на Камерниот оркестар на Битола со настап на специјалниот гостин од Операта во Малме, Шведска, Дарко Нешовски, потоа солистите Наде Талевска, Бојан Стојков, Ирена Димовска, Тамара Стојковска. И актерите Анастазија Христовска, Здравко Стојмиров, Живко Борисов и Никола Стефанов.
Целиот перформанс е во режија на Јован Ристовски. Локацијата е Хераклеја, почеток во 19.30 часот.
На 19 септември е сместена Оф-програмата со пладневен концерт на ConTruDJ во „Интермецо“ и со вечерната програма „Ноќ на џезот“ во битолската „Порта џез“.
За последната вечер, 20 септември, е најавен концертот на Владимир Четкар.
– Свирењето пред македонската публика е како враќање дома – изјави Четкар за концертот во Битола, кој ќе се одржи на локацијата Пацио на НУ Завод и музеј – Битола со почеток 19.30 часот.
Целиот визуелен идентитет за фестивалот е дело на графичката дизајнерка Ангела Христовска, која има свое објаснување за крикот на уметникот во време на пандемија и неговиот гласен молк.
– Оваа ситуација нè научи да го запознаеме и прифатиме својот микрокосмос и да го сместиме светот во неговите граници. Миксот на кирилично-латинична типографија е симбол на тој свет, присилно сместен во границите на нашиот микрокосмос. И само уметноста ја има моќта да ги премине тие граници – објасна таа.
Влезниците за настаните на 18 и 20 септември се 200 денари. Концертите и настаните ќе се одржат според сите протоколи предвидени за вакви настани.