Белоруската кандидатка за претседател, Светлана Тихановскаја, тврди дека оставката на претседателот Александар Лукашенко е само прашање на време, пренесува ТАСС.
Во својата статија објавена во „Вашингтон пост“, Тихановскаја потврди дека сè уште не ги признава официјалните резултати од претседателските избори на 9 август на белоруската Централна изборна комисија.
– Како кандидат на опозициското движење, освоив мнозинство гласови на претседателските избори на 9 август. Затоа, опозицијата планира да ги продолжи протестите во Белорусија. Ние инсистираме на мирен протест и одбиваме да навлегуваме во насилство – тврди Тихановскаја.
Според неа, „многу луѓе прашуваат дали тоа ќе биде доволно“.
– Верувам дека одговорот е да. Ние како нација ја поминавме точката од која нема враќање. Лукашенко нема иднина како лидер на оваа земја и прашање е само на време додека ја напушти власта – вели Тихановскаја.
Опозицијата планира да продолжи со масовни демонстрации, да го бојкотира државниот апарат и да изврши притисок врз институциите на државата, како и да побара поддршка од меѓународната заедница.
– Бараме од другите влади да престанат да соработуваат со режимот и да воведат санкции за лица кои ги фалсификувале резултатите од изборите и извршиле злосторства против сопствените граѓани. Предупредуваме дека сите договори на други земји склучени со сегашниот нелегален режим во Белорусија се склучени на сопствен ризик и не можеме да гарантираме дека идната законски и слободно избрана влада ќе ги поддржува ваквите договори. Наспроти тоа што го тврди државната пропаганда, времето е на наша страна. Нема сомнеж дали ќе победиме – тврди Тихановскаја.
Претседателските избори во Белорусија се одржаа на 9 август. Според Централната изборна комисија, актуелниот претседател Александар Лукашенко обезбеди 80,10 отсто од гласовите. Светлана Тихановскаја, која се сметаше за негов клучен ривал, се најде на второто место со 10,12 отсто од гласовите. Таа одби да ги признае резултатите од изборите и побегна во Литванија.
Набргу по објавувањето на резултатите во земјата избија масовни протести, кои во првите денови прераснаа во судири со полицијата. Властите бараат прекин на нелегалните митинзи, а Координативниот совет формиран од опозицијата повикува на продолжување на протестите.