Во средните училишта низ Скопје се спроведува анкета која ќе покаже колку деца немаат електронски уреди како таблети и компјутери за да следат онлајн настава.
Градоначалникот Петре Шилегов, вели дека за било што, градот може да нема пари – но средства за обезбедување на опрема за учениците, ќе најдат.
– Ќе најдеме средства. Многу е важно за што ги трошите јавните пари. Ние во Скопје имаме околу 24 илјади средношколци. Не се сите социјално загрозени. Ете да се 10 проценти. За мене, непоимливо е да не можеме да помогнеме на 2.000 семејства за своите деца да набават доволно квалитетни средства, за детето да ја следи наставата. За било што може да нема пари, за тоа мора да има пари – рече Шилегов.
Резултатите од анкетата треба да бидат готови во скоро време, бидејќи наставата во училиштата треба да започне на 1 октомври.
– Во моментов се одвива анкетата која се спроведува низ средните училишта, во смисла за утврдување на социјалниот статус на учениците и неможноста да се следи онлајн настава. Откако ќе ја имаме таа анализа, градот ќе изнајде начин како да помогне на тие лица, тие дечиња кои што се од социјално-загрозени семејства, да дојдат до доволно квалитетна електронска настава – додаде Шилегов.