Синдикатот на пожарникари на Град Скопје бара покачување на платите на скопските пожарникари на нивото предвидено со закон и потврдено од суд. Од синдикатот посочија дека судот пресудил во нивна полза во однос на тужбите поради исплатена плата за 10 отсто помала од таа што требало да им се пресметува за периодот (2014-2017).
Од синдикатот велат дека со покачувањето на платите на пожарникарите, Градот ќе заштеди на судски трошоци, а пожарникарите во просек би добивале 25-26 илјади денари, наместо досегашните 20 илјади денари.
– Со тоа пожарникарите ги добиваат своите пари, но Градот покрај овие пари исплаќа и камати, трошоци за судот и за адвокати, а понекогаш и за извршители. Секако ние остануваме оштетени за некоја сума на пари поради тоа што овие пари не ни се пресметуваат во просекот за пензионирање. Од вештачењето на стручните лица во судската постапка се гледа дека наместо сегашните 90-ина милиони денари потрошени за оштета за три години за скопските пожарникари, покачувањето на платите онака како што налага судот при што секој од нас во просек наместо сегашните 20.000 ќе добива 25-26.000 денари, со што би го достигнале републичкиот просек, а би го чинело Градот дупло помалку. Напоменуваме дека трошоците се далеку поголеми кога би се пресметало за сите противпожарни единици низ државата – се вели во реакцијата од Синдикатот на пожарникари на Град Скопје.
Синдикатот на пожарникари на Град Скопје ги повикува институциите да ја работат својата работа, а истовремено домаќински да ги трошат јавните пари и во соработка со синдикатото конечно да го решат ова прашање како не би имало потреба од поинакви форми на протест.