Целосно е расчистен одронот од карпата на влезот во Велес, на регионалниот пат Велес – Градско, кој беше таму од 13 март изутрината. Поради безбедносни причини патот ќе биде пуштен во употреба утре напладне.
Како што информира Благоја Тевдовски, раководител во Јавното претпријатие за државни патишта, во изминатите два дена патот е целосно расчистен од карпите, но поради безбедносни причини тој ќе биде пуштен во функција утре напладне.
– Патот денеска е целосно расчистен од екипи на ГП „Гранит“ кои ги расчистуваа одроните од карпи и од карпата „Цуцка“ чии опасни делови од карпите весеа над патот. Потоа екипи на велешката Подружница на ЈП „Македонија Пат“ ги расчистуваа и собираа здробените карпи и ги носеа со камиони. Сепак од превентивни и безбедносни мерки за сите учесници во сообраќајот и граѓаните, патот ќе биде затворен до утре напладне, а за да може екипите на „Гранит“ да дотуркаа уште нешто од деловите од карпите кои се уште се опасност од паѓање на патот, појасни Тевдовски.
Изминатите 22 дена поради одронот од карпи на патот, сообраќајот се одвиваше преку автопатот Е-75. Затворениот пат претставуваше голема мака за жителите на неколкуте куќи кои живеат од другата страна на патот и вработените од Крзнарската индустрија „Димко Митрев“ и Кланицата „Агриа“.
Според препораките од професорот Милорад Јовановски од Катедрата за Геомеханика при Градежниот факултет од Скопје кој направи стручна анализа на теренот, со оваа постапка засега е спроведена првата етапа од неговите препораки. Со секундарно минирање на карпите од кои најтешката беше 25 тона, тие се раздробија и патот се расчисти.
Втората етапа за трајно решавање на проблемот која треба да уследи, според професорот Јовановски се методи кои се применуваат секаде во светот, како третирање на местото со прскав бетон и анкерисување по што зоната целосно ќе се заштити.
– Тоа е скап проект и за негова реализација потребни се доста финасиски средства, но поради овој лизгав терен и можноста од нови одрони државата треба наскоро да изнајде и пари за негово трајно решавање, потенцираат стручњаците.