Во рамките на Детското лето во Центар се одржа и музичка работилница во која повторно учествуваа младите жители за да се дружат и да другаруваат на отворено, но и да се едуцираат додека се на распуст. Минатата среда стотици деца цртаа во паркот Капиштец, а вчера на истото место младите се собраа на вториот настан од планираните седум од проектот „На одмор сум, во Скопје сум – Општина Центар мисли на мене“.
Од општината велат дека сакаат да го насочат детското внимание кон нешто што ќе им ја поттикне креативноста и ќе им овозможи здрав начин на забава.
– Годинашниве активности ги конципиравме така што секоја среда децата од нашата општина имаат можност да бидат вклучени во разни сегменти на уметноста. Минатата недела ликовната работилница предизвика огромен интерес кај децата и кај нивните родители. Сакаме на децата да им понудиме шаренолико лето – велат од одделението за образование во Центар.
За вчерашната работилницата одговорна беше музичарката и композиторка Ана Пандевска, која вели дека акцентот на музичката работилница е ставен на перкусивните инструменти, а изложени беа вибрафон, маримба, тапани, кахон, дајре, шејкер, раганела, добош и други ситни перкусии.
Идејата е децата визуелно и аудитивно да се запознаат со овие инструменти, со имињата, звукот, изгледот и некои од техниките што се употребуваат.