Американскиот укажувач и поранешен вработен во ЦИА, Едвард Сноуден, ќе поднесе документи за продолжување на престојот во Русија за уште три години, и покрај гласините дека американскиот претседател Доналд Трамп размислува за негово помилување, пренесува „Њузвик“.
Дозволата за престој во Русија требаше да истече на 30 април, но автоматски беше продолжена до 15 јуни поради карантинот во земјата. Неговиот адвокат Анатолиј Кучерена изјави дека Сноуден поднел барање за продолжување на дозволата веднаш штом завршил карантинот, иако документите не биле доставени пред 15 јуни. Трамп минатиот месец рече дека ќе размисли за можно помилување на Сноуден.
– Се чини дека мислењата за одлуката за помилувањето се поделени. Многумина сметаат дека Сноуден треба да се третира посебно, а другите луѓе мислат дека тој направил многу лоши работи. Случајот треба да се разгледа многу добро – изјави Трамп пред медиумите.
Но, многумина во администрацијата на Трамп се против помилувањето. Јавниот обвинител Бил Бар изјави дека е против каква било милост за Сноуден. Државниот секретар Мајк Помпео е исто така долгогодишен критичар на Сноуден, сугерирајќи во 2013 и во 2016 година дека укажувачот треба да биде погубен за предавство.
Американски официјални лица постојано повторуваа дека имаат намера да го затворат Сноуден доколку тој се врати во САД. Сноуден (37) се соочува со казна од 20 години зад решетки за две точки, за кршење на законот за шпионажа и за кражба на владина сопственост.
Мислењата за Сноуден во САД се поделени. Едни го сметаат за непријател на земјата, додека други го воспеваат како херој за откривање на неуставната активност на разузнавачките служби на САД по нападот на 11 септември и за време на глобалната војна против тероризмот.
Претставникот на Флорида, Мет Гец минатата недела рече по одлуката на Апелациониот суд на САД дека се надева оти врховниот командант ќе го помилува Сноуден.
– Да не беше Сноуден, можеби денес немаше да знаеме дека нашата сопствена влада се занимаваше со активност што сега федералниот апелационен суд ја смета за незаконска – рече Гец.
Во 2013 година, тогашниот директор на Националното разузнавање, Џејмс Клапер, пред Конгресот изјави дека САД собирале податоци за Американците „не по своја волја“.
– Јасно е дека Клапер не ја зборуваше вистината. Но, знаете кој му ја кажа вистината на американскиот народ – Едвард Сноуден – изјави Гец.
Сноуден избега од САД и доби привремен азил во Русија откако во 2013 година ја откри програмата за масовно набудување на Националната агенција за безбедност (НСА). Сноуден откри детални доверливи разузнавачки податоци за програмата за домашен надзор во САД. Документите покажаа дека САД ги прислушувале своите граѓани преку интернет, собирале телефонски записи и електронска пошта, вклучувајќи записи од светски лидери, и ги следеле преку мобилните телефони.