Здравствените власти во Црна Гора денеска забележаа 216 новозаразени со коронавирус, што е нов дневен рекорд кој црногорските епидемиолози го очекуваа по политичките митинзи пред и по парламентарните избори на 30 август.
Според црногорскиот институт за јавно здравје, во последните 24 часа биле тестирани 839 лица и секој четврти имал позитивен резултат.
Регистрирани се три смртни случаи на позитивни пациенти, така што од почетокот на пандемијата во Црна Гора, 112 лица починале од компликации со коронавирус.
„Вкупниот број на активни случаи во моментов е 1.451, што е 230 на 100.000 жители“, се вели во соопштението на Институтот за јавно здравје на Црна Гора.
Црногорските епидемиолози вчера објавија дека политичките собири на власта и опозицијата во Црна Гора, кои и покрај забраната собраа и по десетици илјади граѓани, ќе резултираат со нагло зголемување на бројот на заболени.