Критичарите на канцеларката велат дека таа со својата политика кон бегалците овозможила подем на ултрадесницата и ја поделила Европа, зашто многу од земјите до денес одбиваат да го следат примерот на Берлин
Пред пет години, Ангела Меркел изговори зборови што ќе ја трансформираат од безлична германска канцеларка во меѓународна политичка икона: „Можеме да го сториме тоа!“ Меркел тешко можеше да ја предвиди моќта што нејзината изјава ќе ја има дома и во странство. За стотици илјади Сиријци, кои бегаа од Граѓанската војна во нивната земја, зборовите на Меркел дадоа надеж. Многу Германци гледаа на тоа како шанса за откуп, можност да докажат дека научиле од минатото и да му ја покажат на светот добрината на Германија.
Но за другите, политиката на отворени врати на Меркел беше предавство на германскиот народ, а оваа силна емоција веднаш ја искористи ултрадесницата и и ѝ даде нов живот на неофашистичката Алтернатива за Германија (АФД).
Критичарите на Меркел велат дека таа не само што ја отвори вратата на германскиот парламент за ултрадесничарските екстремисти туку и ја подели Европа, бидејќи повеќето други земји од ЕУ одбија да го следат водството на Берлин за време на бегалската криза, а тие поделби траат и до денес.
Оние што ја одобруваат одлуката на Меркел во 2015 година и денес сметаат дека тоа е исправна политика. Во 2015 и 2016 година, Германија, земја со околу 80 милиони жители, прими вкупно околу 1,2 милион азиланти.
Денес прашањето дали Меркел беше во право со предвидувањата е еднакво контроверзно како и нејзиното ветување. Очекувањата дека бегалците ќе се „интегрираат“ беа основа на политиката на Меркел. Но интеграцијата е маглив концепт без прецизна дефиниција. Дали учењето германски јазик е доволно или бегалците треба да станат Германци? Ако е потребен вториот услов, што точно значи тој?
Да се суди за успехот на Германија за приемот на бегалците е, конечно, субјективен потфат, додека статистиката нуди разновидна слика. Од 1,8 милион луѓе што во моментов се класифицирани како бегалци во Германија (оние што поднеле барање за азил или добиле азил), 360.000 во моментов се целосно вработени, според Институтот за истражување за вработување, разгранок на германското министерство за труд. Уште 55.000 бегалци се запишани во програми за обука, многумина работат како чираци како дел од двојниот систем на образование во Германија. Повеќе од 10.000 студираат на универзитет.
Дополнителни 460.0000 бегалци бараат вработување. Околу 35 проценти од бегалците што пристигнаа од 2015 година сега имаат некаква форма на вработување. Повеќето бегалци со работа работат во сектори како што се угостителство или логистика. Околу 570.000 лица, вклучувајќи и многу вработени со скратено работно време на такви работни места, добиваат социјална помош.
Трошоците поврзани со бегалците, кои вклучуваат инвестиции за спречување на понатамошните бранови на миграција, изнесуваат вкупно околу 87 милијарди евра од 2015 година. Годишниот буџет на Германија во текот на тие години се искачи од околу 300 милијарди евра во 2015 година на 362 милијарди евра во 2020 година.
Иако германската јавност првично ги поздрави бегалците, тоа расположение брзо исчезна, а потоа следуваше и брзата политичка реакција, АФД од рејтинг од четири проценти во 2015 година стигна до рејтинг од дури 18 проценти во 2018 година. Партијата оттогаш падна на десет проценти, но сега е најголема опозициска партија во германскиот парламент.
Ултрадесничарското насилство исто така се зголемува. Човекот кому му се суди за убиство на демохристијанскиот политичар, Валтер Либке, во Есен минатата година, изјави дека убиството го извршил како одговор на поддршката на политичарот за бегалците.
Самата Меркел, која планира да се повлече од политиката кога нејзиниот актуелен мандат како канцелар ќе заврши следната година, рече дека не жали за нејзиното ветување од 2015 година.
– Постигнавме многу и кога велам „ние“, мислам на многуте луѓе што помогнаа да се оствари тоа – нагласи Меркел.