Германската канцеларка, Ангела Меркел, изјави дека рускиот опозиционер Алексеј Навални е жртва на злосторство.
– Алексеј Навални е жртва на напад со хемискиот нервен агенс од групата ‘новичок’. Овој отров несомнено е најден во анализите. На тој начин се потврдува дека Алексеј Навални е жртва на злосторство. Требало да се замолчи. Најостро го осудувам нападот во име на германската Влада – изјавила Меркел во Берлин.
Канцеларката додала дека тоа што му се случило на Навални отвора тешки прашања на кои само Русија може да одговори.
– Министерството за надворешни работи го извести рускиот амбасадор за резултатите. Очекуваме руската Влада да објасни што се случило. Се појавија некои тешки прашања на кои може и треба да одговори само руската Влада – рекла Меркел.
Според неа, судбината на Навални го привлече светството внимание.
– Светот чека одговори – нагласила Меркел.
Таа навела дека Берлин ќе ги извести своите партнери во ЕУ и НАТО за новите околности за случајот со Навални и дека ќе биде договорена заедничка реакција и ќе биде објавена заедничка изјава.
Претходно денеска, германската Влада соопшти дека Навални е отруен со отровна супстанца од групата на хемискиот боен отров „новичок“.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Берлин не ја известил Москва за новите наоди.