Претседателот на Собранието, Талат Џафери, денеска во неговиот кабинет, ја прими амбасадорката на САД, Кејт Мари Брнз, со нејзини соработници.
– На средбата, претседателот Џафери изрази благодарност за поддршката што американската амбасада и САД и ја даваат на Република Северна Македонија, при што истакна дека за нас е од суштинско значење задржаниот фокус на Соединетите Американски Држави кон нашата земја и регионот во целина – соопшти Собранието.
Претседателот Џафери ја информирал амбасадорката Брнз за очекуваното ангажирање на новата Влада во однос на пандемијата и мерките за зачувување на здравјето на граѓаните, за економските мерки за поддршка на населението и подготовката на стратегијата за започнување на преговорите за членство со Европската Унија, како три главни приоритети на дејствување. Тој, исто така зборувал и за планираните активности на Собранието до крајот на оваа година.
– Амбасадорката Брнз му честиташе на претседателот Џафери за успешно спроведените парламентарни избори, за формирањето на институциите и за неговиот реизбор на функцијата претседател на законодавниот дом. Таа истакна дека, Република Северна Македонија има постигнато значаен напредок за кус период, особено на полето на евроатланската интеграција. Нејзината Екселенција рече дека од клучно значење е во Собранието да се формира што поширока поддршка за реализација на стратешките цели, особено од аспект на НАТО и членството во Европската Унија. Таа подвлече дека се подеднакво значајни и борбата против корупцијата, прашањата поврзани со националната безбедност и потеклото на ивестициите, како и донесувањето на Законот за антидискриминација – се наведува во соопштението.
На крај на средбата, било оценето дека двете земји како стратешки партнери, ќе продолжат со плодната соработка како и досега.