Она што не сакате да ви се случи вам, не правете им го на другите или однесувајте се кон нив онака како што би сакале тие да се однесуваат кон вас и ќе бидете изненадени од вашата и од љубезноста на оние што ве опкружуваат
Сигурно на сите ви е позната реченицата „не е тешко да се биде љубезен“, но дали е навистина така?
Во некои ситуации и во друштво со одредени луѓе, напорот да останеш љубезен претставува голем предизвик, особено ако станува збор за здодевни роднини што постојано го пикаат носот таму каде што не му е местото, па ве прашуваат кога конечно ќе го завршите факултетот, кога ќе се вработите, омажите или кога планирате да имате дете. Може да биде непријатно и доколку е некој нељубезен, вулгарен и безобразен или ако некој пријател ви досадува и ве заморува со глупости. Кога ќе се најдете во ваква или слична ситуација, најважно е да успеете да се исконтролирате себеси и да бидете фини и љубезни.
Ова се некои од начините како да го направите тоа.
– Кренете ја главата, дишете длабоко и олабавете се, едноставно поради вас самите и поради вашата среќа.
– Не сфаќајте сѐ премногу лично. Има многу тажни луѓе, лути на себе и премногу зајадливи поради своите лични проблеми, па поради тоа тие им се истураат на другите. Тоа нема никаква врска со вас, па затоа опуштете се и гледајте си ја својата работа.
– Вежбајте емпатија. Да се биде љубезен не значи да се биде лажно добар, туку сочувствителен. Да се трудите да ги разбирате другите и да разберете која е вистинската причина за нивното однесување.
– Обидете се да сфатите која е причината за вашата нетрпеливост. Треба да знаете дека во поголемиот број случаи веќе однапред претпоставувате која ситуација и кои луѓе можат да ве исфрлат од такт. Обидете се да откриете кој е вистинскиот проблем поради кој чувствувате нетрпеливост кон некого. Не замислувајте си однапред дека некоја одредена личност или ситуација и овој пат ќе ве изнервираат. Разминувајте позитивно.
– Набавете „филтер“. Во ерата на модерната технологија и изобилството на разни апликации, голем број луѓе знаат да ги употребуваат разните филтри на мобилните телефони за да разубават некоја направена фотографија. Е па, тогаш, зошто да не се набави и „филтер“ за вашиот јазик, со што ќе го разубавите денот, но и ќе им го подобрите и расположението на сите околу вас.
– Она што не сакате да ви се случи вам, не правете им го на другите. Или однесувајте се кон нив онака како што би сакале тие да се однесуваат кон вас и ќе бидете изненадени, бидејќи како зрачите, така и привлекувате.
– Не злоупотребувајте ја својата функција доколку сте во надредена позиција на работното место. Било да сте му шеф некому или родител, не давајте си себеси право да бидете дрски и безобразни. Луѓето на раководни места често ги користат речениците: „затоа што јас велам така“ или „затоа што можам“. А најлоша од сите е онаа мајчинската: „јас сум те родила, јас можам и да те убијам“. Зарем тоа не е сурово. Па, и вие сте нечие дете, зарем сакате таков лош пример да им дадете на децата?