ФУДБАЛ
Во соблекувалната на Баерн беа убедени дека можат да ја совладаат Барселона на патот кон големото финале во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), кое се одигра во Лисабон.
– Знаевме дека ќе ја победиме Барселона. Пред натпреварот со Барселона Гнабри и Кимич не ме прашаа дали ќе го добиеме натпреварот, туку дали ќе ја освоиме Лигата на шампионите. Одговорив да – вели Полјакот Роберт Левандовски во интервјуто за полскиот медиум „Онет“.
Таква беше самодовербата во Баерн, чии фудбалери не се сомневаа во својот триумф против каталонскиот клуб, во чии редови играше светската фудбалска ѕвезда Лионел Меси, носителот на шест „златни топки“ за фудбалер на годината. Левандовски, кој е и најдобриот стрелец на ова натпреварување со вкупно 15 гола, не се сомнева ни за тоа кој требаше да ја освои „златната топка“, која годинава нема да се додели.
– Освоивме сѐ што можеше да се освои, a јас бев тој што постигна најмногу голови во сите тие натпреварувања. Мислам дека играчот што ќе го постигне тоа треба да ја освои таа награда – вели Левандовски, пренесува официјалната интернет-страница на Бундес-лигата.