На програмата на Охридско лето денеска, ден пред Свеченото затворање на годинешното јубилејно издание, ќе се одржи концертот „Музички пријателства“ на македонската обоистка, Гордана Јосифова – Неделковска. Како гости на концертот со уметничката ќе настапат флејтистот Страшо Темков, пијанистките Елена Атанасовска и Инес Неделковска и гитаристот Влатко Стефановски. Концертот е со почеток од 21 часот во Предворјето на црквата Света Софија. На програмата се избрани дела на Бах, Веруст, Пјацола, Мориконе, како и обработки на неколку македонски народни песни.
Проф. м-р Гордана Јосифова-Неделковска дипломира и магистрира на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во класата на проф. Киро Давидовски, а се усовршува на академијата „Моцарт“ во Варшава и БАНФФ Центарот за музика и звук во Канада. Како солист има настапувано со Симфонискиот оркестар на националната капела на Санкт Петербург, камерниот оркестар „Музика вива“ под водство на истакнатиот диригент и виолончелист Александар Рудин, Сервантес Филхармонија од Шпанија, оркестарот „Кими Синфониета“ од Финска, оркестарот на Вилах Филхармонија од Австрија, оркестарот на Моравската филхармонија од Чешка, оркестарот „Талин Синфониета“ од Естонија, Симфонискиот оркестар од Рим, Симфонискиот оркестар од Белград, Гудачкиот камерен оркестар на Словенечката филхармонија, камерниот оркестар „Софиски Солисти“, Филхармонијата на Република Северна Македонија, Македонскиот камерен оркестар, камерниот оркестар „Св. Ѓорѓе“, Оркестар на Авињон-Прованса, Камерен оркестар од Порто Алегре – Бразил, Обединет европски камерен оркестар, итн. Со бројни рецитали има настапувано во следниве земји: Канада, САД, Кина, Бразил, Естонија, Холандија, Франција, Белгија, Шпанија, Португалија, Полска, Италија, Германија, Чешка, Русија, Украина (настап со извонредниот виолинист Најџел Кенеди), Финска, Турција, Грција, Бугарија, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и во земјата.
На покана на легендарниот Енио Мориконе, Гордана Јосифова-Неделковска настапи заедно со него на свеченото отворање на фестивалот „Охридско лето“ во 2009 година.
По успешното претставување во 2010 на московскиот „Арт Новембер“ фестивал од критиката беше посочена како „поетеса на обоа“, по што активно настапува во Русија и тоа на фестивали како Бах Маратонот во 2011 година и Моцарт Маратонот во 2014.
Гордана Јосифова – Неделковска покрај долгогодишната работа како селектор на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ во периодот од 2007-2016 била носител и на повеќе функции во музички организации, во два мандата е продекан на ФМУ- Скопје, а од 2009 година е избрана за декан на истиот факултет кој го води во два последователни мандати.
Добитник е на повеќе државни и меѓуанродни награди и признанија меѓу кои „13 Ноември“,„Виртуози“ во категоријата меѓународна афирмација, а одликувана е и со престижниот орден на Република Франција – „Витез од Редот на уметности и книжевност“ што се вбројува во четирите најважни одликувања во Франција. Успешноста на нејзиното делување е потврдена со едно светско признание – во 2004 година од Уредничкиот одбор на Американскиот биографски институт Гордана Јосифова-Неделковска е номинирана во категоријата „Успешни жени на 21 век“.