Оваа недела завршуваат археолошките истражувања на локалитетот Врбјанска Чука. И оваа година крајот на теренското истражување, утревечер, од 18.30 часот, ќе се одржи концерт на Антоние, еден од ретките македонски соло-вибрафонисти, кој ќе подготви програма специјално за овој настан. Концертот ќе биде ретка можност да се создаде синестезија меѓу локалитетот и авторската музика на Антоние, со што ќе се спојат древниот предисториски амбиент и звучните илустрации. На тој начин Врбјанска Чука и музиката на Антоние ќе добијат поинаква димензија и земно ќе се дополнуваат во нова аудиоамбиентална целина.
Локалитетот Врбјанска Чука претставува тумба формирана како неолитска населба пред 8.000 години, а која потоа во антиката и средниот век е користена како стопански центар и некропола. Во неа се откриени остатоци од масивни неолитски градби и структури, како и мноштво антички јами и средновековни погребувања, а кои ќе бидат презентирани пред концертот.
Антоние е истакнат македонски музичар посветен на изучувањето на перкусивни инструменти и особено на вибрафонот и маримбата.
Тој е составен дел од повеќе македонски и меѓународни групи и оркестри, со кои настапувал на различни домашни и странски сцени. Покрај овие изведби, тој е насочен и кон создавање своја авторска музика, која ќе биде и составен дел од настапот на Врбјанска Чука.
Концертот на Врбјанска Чука е во организација на Центарот за истражување на предисторијата, Џез-фестивал – Прилеп и Заводот и музеј – Прилеп, а исто така претставува и дел од оф-програмата на Прилепскиот џез-викенд.