Трговците од Фиренца ја вратија оригиналната функција на т.н. „вински прозорци“. Тие ја имале својата примарна цел во текот на 17 век, кога во Италија владеела епидемија на чума или црна смрт. Имено, тогаш биле правени дупки во ѕидовите на градските згради, кои личеле на прозорци со врати. Таквите прозорци ги осмислиле производителите на вино за да избегнат контакт со клиентите и да не се заразат од чумата.
Набавката на вино функционирала на таков начин што прво низ отворот минувала метална „лопата“, каде што клиентот ги депонирал парите, кои потоа биле дезинфицирани со оцет. Така, клиентите можеле да земат шише вино или да го наполнат своето благодарение на металната цевка што минувала низ отворот. Доволно било само да се затропа на прозорецот и да се дополнат винските резерви на винарниците, како што се „Антонори“, „Фрескобалди“ и „Рикасоли“, кои сè уште се вбројуваат меѓу најдобрите во светот, пренесува Си-ен-ен.
Овој обичај го привлече вниманието на светските медиуми, а со доаѓањето на глобалната пандемија на коронавирусот биле пуштени во функција 14 „прозорци“, од кои денес, освен вино, може да се купи сладолед и коктели, па дури и шолја кафе.
Денес е тешко да се добие официјален список на споменатите вински прозорци, но културното здружение „Букете дел вино“ при своето истражување открило дека постојат дури 149 прозорци во внатрешноста на ѕидините на Фиренца, 24 надвор од градските ѕидини, а деталната карта постојано се ажурира.