Постизборната атмосфера е слична во сите балкански земји, а разликите се однесуваат на начинот на договарањето и времетраењето на преговорите за формирање на новата извршна власт. Доколку во преговорите за избор на премиер или министри се вклучи и етничкиот клуч, тогаш состојбата уште повеќе се комплицира
Спроведувањето на парламентарните избори и изборот на новата извршна власт, за граѓаните од земјите од Западен Балкан нема никакво суштинско значење во нивниот живот. Соочувајќи се со секојдневните егзистенционални проблеми тие се ставени во улога на неми набљудувачи на бескрајните и бесмислени политички игри и манипулации на малите партиски елити, кои од заднина ги влечат главните потези при изборот на новите премиерски кабинети. Пораките за спроведување реформи и демократија, кои се испраќаат јавно од учесниците во преговорите за формирање на новото владино мнозинство, се само покритие за вистинските намери за министерските места да се пополнуваат со проверени и лојални кадри, кои се блиски до партиските водства.
Постизборната атмосфера е слична во сите балкански земји, а разликите се однесуваат на начинот на договарањето и времетраењето на преговорите за формирање на новата извршна власт. Доколку во преговорите за избор на премиер или министри се вклучи и етничкиот клуч, тогаш состојбата уште повеќе се комплицира, а обичните граѓани, не по своја вина, се изложени на долг период на „исчекување“ и неизвесност да се решат сите кадровски разместувања. Тоа најдобро се гледа и низ примерот со Македонија и Босна и Херцеговина, кои по правило поминуваат низ макотрпен процес за „раѓање“ на новата извршна власт.
Во Хрватска, по одржувањето на парламентарните избори во јули, многу брзо беше избрана новата влада на ХДЗ, партија од десниот центар, која многу години доминира на домашната политичка сцена. Премиерот Андреј Пленковиќ не чекаше премногу со формирањето на старо-новиот министерски кабинет. Во прилог на тоа одеа убедливата победа на изборите и освојувањето на стабилното пратеничко мнозинство од 66 освоени мандати, а неколкуте гласа што му беа потребни ги обезбеди од пратениците од малцинските партии. Договарањето со партијата на српското малцинство се одвиваше без какви било етнички условувања, а доволно беше отстапување на потпретседателското место во Владата и едно министерство. Внатрешните преговарања во рамките на самата ХДЗ за поделба на ресорите меѓу различните лоби-групи, изостана поради тоа што гласовите од приврзаниците на крајната десница се одлеаја во новоформираната Татковинска партија, која сега е во опозиција.
За разлика од хрватскиот премиер, српскиот претседател Александар Вучиќ, кој наедно е и лидер на Српската напредна партија, се однесува сосема спротивно.
И покрај апсолутната победа на неговата партија на изборите во јули, тој сѐ уште одолжува со соопштувањето на името на идниот премиер и за составот на министерскиот тим. Најновите информации се дека Вучиќ, по долгиот период на молчење, за прашањето за идната извршна власт ќе се изјасни по одржувањето на состанокот со делегацијата на Приштина во Вашингтон, кој е најавен за четврти септември!
– Состанокот во Вашингтон е само изговор за покривање на политикантската трговија, што е единствена причина за ова неодговорно одолжување на формирањето влада. Нејзиното составување не треба да зависи од тоа што ќе се случува во Вашингтон. Од ваквите изјави на Вучиќ произлегува дека новата влада се формира во САД, односно надвор од Србија – изјави Константин Самофалов, од Социјалдемократската партија во Србија, за „Данас“.
Според мислењето на Павле Грбовиќ, потпретседател на Движењето на слободни граѓани, „Владата во Србија е само обичен декор и уточиште за потхранување на амбициите и суетите на партиските кадри, кои се желни за медиумско внимание“.
– Затоа и одолжува, за да ги држи во неизвесност и да ги поттикнува да му се докажуваат. Вистинскиот центар на моќ работи со полна пареа. На дело е модел во чија основа е критериумот за партиска припадност – вели Грбовиќ.
Претседателот на СДСМ и мандатар, Зоран Заев, вчера изјави дека ќе ги поднесе предлогот за составот на новата влада и програмата за нејзината работа, најверојатно, денеска попладне. Но тоа што не остава простор за некакво „олеснување“ и задоволство за граѓаните, е повторувањето на досегашната практика при постигнувањето на меѓуетничкиот договор за новата влада. И овој пат не изостанаа уцените од највлијателната албанска партија во Македонија ДУИ, која, како што е познато, на последните парламентарни избори настапи со паролата за „прв албански премиер“. По неколкунеделни партиски преговори зад затворени врати беше постигнат некаков компромис за Албанец премиер во последните сто дена од премиерскиот мандат на Зоран Заев.
Но со ова не завршува и неизвесноста за новата влада, која во следниот четиригодишен мандат ќе работи на работ на парламентарно мнозинство и со постигнување разни компромиси, кои ќе се прават на дневна основа за исполнувања на партиските и личните интереси на новите учесници во извршната власт. Дел од овој договор е и изборот на петмина потпретседатели во Собранието на Македонија.
Најдобар пример за штетноста на партиското и на етничкото влијание во конституирањето на извршната власт е случајот со Федерацијата на Босна и Херцеговина, во која припадниците на трите етнички заедници подолго од една година не можеа да се договорат за изборот на новата федерална власт.