Речиси секој ден на социјалните мрежи се појавува ново видео со физичко насилство, предизвикување општа опасност или, пак, со уништување јавни добра. Ваквите објави не се воопшто наивни, имајќи предвид дека токму ваквите негативни предизвици што си ги поставуваат младите меѓу себе најчесто понекогаш знаат да завршат и трагично. Уште позагрижувачко е што ваквите видеа имаат голема гледаност меѓу врсниците
Загрижувачки видеа на социјалните мрежи како предупредување за општеството
Последен ваков случај имаше викендов, кога на платформата ТикТок се појави видео на кое се гледа како младо момче брутално удира друго младо момче, а пред извесно време на истата социјална платформа беше објавено видео на кое момче се снима како потпалува шума.
Ваквите објави не се воопшто наивни, имајќи предвид дека токму ваквите негативни предизвици што си ги поставуваат младите меѓу себе понекогаш знаат да завршат и трагично.
Уште позагрижувачко е што ваквите видеа имаат голема гледаност меѓу врсниците, што не ја исклучува можноста сè повеќе млади да бидат мотивирани и да се надоврзат на ваквите деструктивни предизвици, па да продолжат да објавуваат видеа со вакви содржини.
Колку е сериозна целата ситуација говори и ангажманот на полицијата, која за релативно кратко време го откри пироманот, додека сè уште трага по тепачот од последното видео.
Познавачите на состојбите со кои се консултиравме сметаат дека младите во желбата да се докажат ја преминуваат границата на она што е дозволено.
– Генерално гледано, социјалните мрежи се изместија во смисла на нивна злоупотреба. Младите луѓе во желбата да се допаднат, да се докажат дури и да ја канализираат својата агресија, веќе одат во сосема друга насока. Со ваквите чинови вие јасно ѝ кажувате на полицијата дојдете и уапсете ме, јас сум запалил, јас сум уништил, сум украл… Значи вие јасно сте кажале дека сте криминалец – вели Викторија Кафеџиска, професорка по комуникации.
Таа додава дека младите луѓе треба да разберат дека злоупотребата, односно погрешното користење на социјалните мрежи може само да им создаде проблеми во животот.
– Кога ние како општество ќе дозволиме или ќе ја преминеме оваа црвена линија да се фалиме со нашите недозволени дејства, тогаш ние навистина сме потклекнале или сме злоупотребени како личности, без разлика што младите можеби сега не сфаќаат, ама утре ќе им тропне полиција на врата или ќе ги казни – нагласува Кафеџиска.
Според неа, максимално мора да се апелира дека со социјалните мрежи мора многу внимателно да се работи.
– Младите мора да внимаваат дека тие самите стануваат заложници на социјалните мрежи и нивната благородна функција, оти првично самото име на овие мрежи кажува, социјализација, поврзување итн. Тие ги злоупотребуваат или практично си прават проблеми заборавајќи ја основната функција на социјалниот медиум. Како и да е, технологијата оди напред и не можеме да го забраниме тоа, но мора многу да се внимава – истакнува Кафеџиска.
Психологот Мирјана Стојановска Јовановски посочува дека потребата да се биде во фокусот доведува до објавите на видеа со насилни содржини на социјалните платформи.
– Сите внатре сакаме да имаме некој славен дел, да се зборува за нас, да нè признаат… Тоа е еден аспект од ова последно случување на социјалните мрежи, така што може со тенденција да се стане славен да се измисли нешто, да се направи нешто, без критериум дали е тоа глупаво или е воопшто несоцијално, или ќе повреди, или ќе наштети или ќе направи нешто што е лошо – вели Стојановска.
Според неа, втор аспект на оваа појава би можело да биде проблемот со потиснувањето на внатрешните нагони и со контролирање на својата агресија и тогаш овие луѓе се склони да извршат вакви дела, да палат, да се тепаат, па затоа им е потребна психолошка помош – нагласува Стојановска.
Таа додава дека овие луѓе за да задоволат некои свои внатрешни потреби и желби не се обѕираат на тоа дека ќе повредат некого или ќе му наштетат.
– Би требало да има и едно посебно чувство за младината во училиштата, да се едуцираат како се користат мас-медиумите, како се користи интернетот, за што да го користат во своја полза и да се обрне внимание колку е тоа казниво ако се објават снимки како се тепаат деца, или се пали… Постои недоволно подигната свесност за сопствените постапки – појаснува Стојановска.