Дали новиот закон ќе го промени тоа?
Новиот закон донесен во Хонгконг, кој ги криминализирa „вмешувањето странци, тероризмот, сецесионистичките активности и спротивставувањето на моќта на државата“, доаѓа како одговор на протестите за демократија, кои доминираат во Хонгконг од пролетта 2019 година, па до затворањата поради здравствената криза на почетокот на оваа година. Стручните лица велат дека овој закон засекогаш ќе го промени статусот на градот како средиште на културата. Многу американски компании што работат во Хонгконг се загрижени поради импликациите. Додека компаниите што се врзани за пазарот на уметнички дела во најголем број молчат, некои се плашат од најлошиот исход.
– Мислам дека ова е крај на Хонгконг. Крајот нема да се случи веднаш, се разбира, но за десет години, Хонгконг ќе биде само уште еден кинески град, а не голема меѓународна метропола каков што беше – изјавил извор што има бизнис-врски во Хонгконг.
Загриженоста е двојна. Најпрвин, тоа е стравот дека новиот закон ќе резултира со распространета цензура – да не споменуваме самоцензура – што ќе го направи Хонгконг значително помалку одржливо средиште на предизвикувачка уметност. Како второ, постои прашање што ќе се случи со посебните меѓународни трговски врски, кои овозможиле регионот да цвета со децении како глобално седиште на финансиите и трговијата. А посебно е прашањето на судбината на данокот на увоз и на извоз во моменталната бесцаринска зона.
– Внимателно ги следевме вестите што се однесуваат на новиот закон во Хонгконг, консултирајќи се со стручни лица во регионот, за подобро да сфатиме дали и на кој начин ќе влијаат на уметноста, на пазарот со уметнички дела и особено на нашите галеристи – изјави портпаролката на „Арт Базел“, додавајќи дека сѐ уште не е можно да се предвиди исходот.
Самсон Јанг, уметник од Хонгконг, не е оптимист.
– Аспектот на новиот закон што најмногу загрижува е што експлицитно се бара создавање нови инструменти на полицијата, кои ги заобиколуваат стандардните проверки и рамнотежата, за да ги спроведат законите што се толку опширни така што нивната покриеност е потенцијално бесконечна – вели Јанг и додава дека „главната работа што нѐ држи подалеку од проблемите ќе биде милоста и совеста на државата“.
За уметниците, писателите, кустосите, кои не можат и не сакаат да престанат да создаваат, вредноста на нивниот труд тукушто рапидно скокна. Од долго очекуваниот музеј на визуелна култура, кој идната година треба да се отвори во културната област Вест Коволун, одбија да го коментираат влијанието на новиот закон, но ја истакнаа важноста на слободата на говорот за продолжување на улогата на Хонгконг на светската сцена.
– Градот може да биде глобално средиште на културата само ако нуди гостољубиво опкружување за уметноста, која рефлектира широк спектар на перспективи и гледишта – изјавила портпаролката.
Агентот Бен Браун, иако поголемиот број дела што ги изложува немаат политичка заднина, сепак е загрижен.
– По дефиниција, мислам дека ќе дојде до одредена доза на цензура и самоцензура во Кина. Цензурата со која се соочуваме во Кина, е истата цензура со која ќе мораме да се соочиме во Хонгконг, а претходно не моравме – вели тој.
Тука е и прашањето на данокот. Една од причините зошто Хонгконг стана средиште на пазарот на уметнички дела во Азија, привлекувајќи огромен дел од западни галерии, е што е многу поевтино да се купуваат и да се продаваат уметнички дела.
– Ќе биде интересно да се види што ќе биде направено по прашањето на даночниот режим бидејќи „Сотби“ и „Кристи“, како и јас и сите други, увезуваме и извезуваме слики без данок. Тоа е многу едноставно и функционира – вели тој.
Спротивно на тоа, на уметничките дела увезени во Кина се наплаќа данок од 34 проценти. Хонгконг не само што нема данок на увоз на уметнички дела туку нема ни данок на имот, на подароци, недвижности како ни на капитална добивка. Во корист на Хонгконг одеа и односите што ги развиваше со други земји. На пример, САД немаат никакви ограничувања на размена на валутите, дури и додаваат тарифа на стоката со која се тргува со Хонгконг. Тоа е голема причина зашто, од 1991 до 2018 година, целокупната вредност на продажбата на уметноста во аукциските куќи скокна од 11 милиони до над 1,4 милијарда долари. Но сево ова можеби ќе се промени поради новиот закон.