Во последниве месеци сè повеќе луѓе работат од дома поради пандемијата на коронавирусот, а некои како резултат на тоа и помалку вежбаат и сето тоа може да биде опасно по здравјето. Работата од дома е сè почест избор, но германските лекари предупредуваат дека недостигот од вежбање може да го зголеми ризикот од развој на длабока венска тромбоза (ДВТ), што се јавува кога во длабоките вени се формира згрутчување на крвта или тромб, најчесто на нозете.
Со оглед на тоа дека недостигот од движење може да ја зголеми веројатноста за појава на згрутчување на крвта, ако поминувате многу време седејќи на работното биро, важно е редовно да станувате или да правите вежби што не бараат многу труд, истакнуваат од германското сојузно здружение за здравствени информации и заштита на потрошувачите (БГВ) со седиште во Бон.
Членовите на здружението советуваат вежби за истегнување додека седите или, на пример, повремено да ги свиткувате колената кога ќе станете. Тие исто така предлагаат и едноставна вежба за подигнување на стапалата во седечка положба. Додека седите, исправете ги грбот и бутовите, така што тие ќе формираат правилен агол. Полека подигнете ги двете петици, потпирајќи ги нозете на земја, а потоа повторно спуштете ги на подот. Повторете ја вежбата десетина пати.
Длабоката венска тромбоза може да биде многу сериозен проблем затоа што згрутчувањето на крвта може да се одвои и да заврши преку крвотокот во белите дробови, блокирајќи го нормалниот проток на крв. Оваа опасна по живот состојба се нарекува белодробна емболија. Фактори на ризик за развој на ДВТ вклучуваат претходна операција, воспаление, проширени вени и проблеми со бубрезите.