Државата со години прави малку или речиси ништо за да го намали загадувањето на воздухот, а главните предизвикувачи лоцирани во областите индустрија, греење на домаќинствата и транспорт се сведоа на козметичко субвенционирање, кое, можеби, на краток рок ќе даде некакви минимални придвижувања во насока на подобрување на квалитетот на воздухот, но долгорочно тоа не е никакво решение
Застарениот возен парк во голем дел влијае на загадувањето на воздухот, поради што оваа есен и зима постои сериозна опасност од оптоварување на здравствениот систем со луѓе со респираторни проблеми, што во комбинација со евентуален нов бран на ковид-19 може да доведе до целосен колапс на болниците.
Државата со години прави малку или речиси ништо за да го намали загадувањето на воздухот, а главните предизвикувачи лоцирани во областите индустрија, греење на домаќинствата и транспорт се сведоа на козметичко субвенционирање, кое, можеби, на краток рок ќе даде некакви минимални придвижувања во насока на подобрување на квалитетот на воздухот, но долгорочно тоа не е никакво решение.
Токму транспортот е еден од сегментите каде што државата целосно потфрла, а дека ситуацијата ќе оди на полошо најдобра потврда е последниот извештај на Европската асоцијација на производители на автомобили во кој Македонија се наоѓа на дното со просечната старост на автомобилите од 19,3 години.
Ако се земе предвид дека возилата постари од 15 години во повеќето западни земји завршуваат или во отпад или кај колекционерите на стари автомобили, се поставува прашањето дали државата има план како да се справи со загадувањето предизвикано од старите автомобили.
Токму старите возила во најголем дел испуштаат штетни честички во воздухот во текот на целата година, но во зимскиот период тоа е најзабележливо и во комбинација со атмосферските услови може да доведе до сериозни респираторни проблеми кај луѓето.
Според податоците на Меѓународниот совет за чист транспорт, во глобалното загадување на воздухот патниот сообраќај учествува со речиси 20 отсто, што и не е толку малку. Исто така, треба да се има предвид дека најголем дел од ова загадување е концентрирано во градските средини каде што и живеат најголем број луѓе, така што и штетноста на издувните гасови на моторните возила е значително поголема од едноставната пресметка на хартија.
Еколозите сметаат дека државата треба конечно да почне да издвојува сериозни парични средства ако сака вистински да се справува со загадувањето на воздухот.
– Развиениот свет го препозна проблемот со загадувањето на воздухот предизвикано од автомобилите и со комбинирани методи работи на негово намалување и како крајна цел, негово целосно неутрализирање. Притоа не мислам само на западните земји, туку овој проблем го сфатија сериозно и во Кина, каде што исто се преземаат мерки за негово решавање – велат еколозите со кои се консултиравме.
Според нив, фактот што за тоа се потребни огромни средства не ја ослободува Македонија како сиромашна држава од одговорноста за непреземањето на никакви чекори.
– Кусокот пари секако е отежнувачки фактор, но се чини дека уште поголеми пречки се недостигот од свест кај населението, недостигот од волја да се почне со решавање, но пред сè недостигот од системско решение и негова целосна примена – појаснуваат дел од еколозите.
Повеќето земји од Западна Европа овој проблем го решаваат со воведување построги закони и мерки за забрана за движење на нееколошките возила во потесното централно градско подрачје, со што се ослободуваат од автомобилите со мотори од постарите генерации, истовремено субвенционирајќи го купувањето еколошки прифатливи возила (со плаг ин хибриден и електричен погон).
– Во Македонија проблемот со загадувањето на воздухот предизвикано од старите автомобили тешко дека ќе се реши во скоро време. Нискиот животен стандард и континуираниот увоз на половни автомобили, особено на дизел-погон, кои во Германија речиси и да ги исфрлија од употреба, го земаат својот данок врз здравјето и тоа го чувствуваме секоја зима на своја кожа. Дополнителен проблем е што и кај овие понови дизел-возила што е дозволено да се увезат во земјава на голем дел им е отстранет ДПФ-филтерот, така што и тие се големи загадувачи без оглед на поновата година на производство. Потребна е поголема контрола на издувите при техничкиот преглед и исклучување на проблематичните возила – вели Бојан Спировски, екоактивист.
Според него, голем проблем претставува тоа што голем дел од половните возила се пред крајот на својот работен век, а во Македонија нема соодветна мрежа за рециклирање на старите возила, поради што огромен број од ваквите возила ќе завршат во отпад или на диви депонии, дополнително загадувајќи ја природната средина.
Во државата во моментот Владата е во формирање, така што периодот што следува ќе помине во екипирање на луѓето во ресорните министерства поради што ќе се изгуби дополнително време за подготовка на сериозни проекти за справување со загадувањето на воздухот, меѓу другото, предизвикано и од старите автомобили.
Она што досега се преземаше беше воведување повисок данок за возилата што повеќе загадуваат, како и субвенционирање при вградување плински или мотор на метан.
Според податоците од Царинската управа, во изминативе пет години се увезени околу 150.000 половни возила. Во најголем дел, овие автомобили се со еуро 4 еколошкиот стандард, кој ЕУ полека го исфрла од пазарот за сметка на повисокиот еуро 6 стандард за емисија на штетни гасови.
Новите европски правила уште повеќе ќе ги заострат критериумите за дизел-возилата, така што не е исклучено огромен дел од нив повторно да завршат на Балканот и дополнително да ја влошат состојбата со загадувањето.
Најнови автомобили во Луксембург, најстари на југот на Балканот
Според извештајот на Европската асоцијација на производители на автомобили, најмлад возен парк имаат жителите на Луксембург, каде што просечната старост на возилата е само 6,4 години.
Велика Британија, која во 2018 година сè уште беше членка на ЕУ, е на второ место со просечна старост на возилата од осум години. Трета е Австрија со 8,2 години, Ирска со 8,4 години и Данска со 8,8 години.
Просечната старост на автомобилите на Французите и на Белгијците е девет години, додека во Германија е 9,5 години.
Меѓу оние земји каде што се возат најстари автомобили по патиштата на земјите од Источна Европа се Литванија со 16,9 години, Естонија со 16,7 години и Романија со 16,3 години. Финансиската криза остави сериозна трага во Грција, каде што просечната старост на автомобилите е дури 15,7 години.
На просторите на поранешна Југославија најнови автомобили возат Словенците, со просечна старост од 10,1 години, па Хрватите со автомобили стари во просек од 12,6 години, додека Србите возат автомобили што во просек се стари 17 години.