Баварците во полуфиналето го елиминираа Лион (3-0), а Пари Сен Жермен беше поуспешен од Лајпциг (3-0)
Баерн и Пари Сен Жермен ќе играат во неделното финале во Лигата на шампионите (ЛШ) во Лисабон, на празни трибини, без публика. Баерн до 11-то финале во ЛШ, порано Куп на европските шампиони (КЕШ), колку што има и Милан, пет помаку од рекордните 16 на Реал Мадрид, стигна по убедливата победа во полуфиналето над Лион од 3-0. Претходно во првото полуфинале ПСЖ беше поуспешен од Лајпциг, исто така, со 3-0.
За Баерн тоа беше 10-ти триумф со што го израмни клупскиот рекорд од 2013, како и на Реал од 2015 година, по што има шанса да биде првиот тим што триумфирал во ЛШ со 100-отстотен успех. Германскиот тим е без пораз во 2020 година, победувајќи на 24 од 25-те дуели во сите конкуренции. Баерн во годинашната кампања постигна 42 гола, три помалку од рекордните 45 на Барселона во сезоната 1999/2000.
Првите два гола против Лион ги даде Серж Гнабри (25), за него деветти во ЛШ сезонава, од кои осум на последните осум средби, вкупно 23 гола на 45 меча во сите конкуренции. Тој е третиот најдобар стрелец во ЛШ сезонава, зад Левандовски (15) и зад тинејџерот од Борусија Дортмунд, Ерлинг Холанд (10).
– Лион ни вршеше притисок, беа доста агресивни, создадоа неколку шанси за гол, кои, за наша среќа, не ги искористија. Не може сѐ да се одбрани, треба да се има и малку среќа. Сега сакаме да победиме и во финалето и ќе сториме сѐ што е до нас да го освоиме и третиот трофеј сезонава – вели Гнабри.
Гнабри, кој е роден во Штутгарт во 1995-та, кариерата ја почнал во академијата на Штутгарт, на 12-годишна возраст заедно со Тимо Вернер, сега играч на Челси и со сегашниот соиграч во Баерн, Џошуа Кимих. Во лондонски Арсенал заминува на 16 години, во 2011-та, по што набргу, по една сезона, станува дел од резервниот тим. Во следните сезони не добива поголема шанса, а во 2015/2016-та настапуваше за ВБА како позајмен играч. Во 2016-та е во составот на Германија на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Рио и го освојува сребрениот медал.
Во ноември 2016-та дебитираше за најдобрата селекција на Германија. Истата година се врати во Вердер и на 27 меча даде 11 гола. Во 2017 следуваше трансферот во Баерн, кој веднаш го испрати на заем во Хофенхајм. Но од 2018 г. Гнабри е постојан член на Баварците и наследник на Арјен Робен.
Третиот гол во полуфиналето го постигна Роберт Левандовски, за него 15-ти во ЛШ, два помалку од рекордните 17 на Кристијано Роналдо во 2018 година, или вкупно 55 гола на 46 меча сезонава.