Почетокот на шеесеттите години на минатиот век клубот „Индра“ бил едно од местата на кои редовно се одело за да се слуша музика во живо. Газдата на „Индра“ таа вечер одлучил да свират „некои Англичани“, музички состав кој имал проблем да најде место за свирење во родниот Ливерпул. Така момците долетале до Хамбург, пишува „Дојче веле“.
Така таа вечер на сцената во хамбуршкиот клуб се качиле младите Пит Бест, Џорџ Харисон, Џон Ленон, Пол Мекартни и Стујард Сатклиф со што се роди музичката легенда, која ќе остане тесно врзана за Хамбург. Се разбира, станува збор за култните „Битлси“.
Меѓутоа, славата на бендот тогаш се чинела како нешто далечно. „Битлси“ на почетокот немале пари ни за пијачка, па по околните кафеани барале пиво на рабуш. Се селеле често, само за да имаат покрив над глава.
– Во Хамбург живеевме во киното „Бамби“ покрај тоалетот. Тоа е жива вистина – раскажува години подоцна Пол Мекартни.
Покрај „Индра“ настапувале и во други хамбуршки клубови, во кои од настап добивале по 30 марки од човек. Затоа тие свиреле секоја вечер, и по седум часа.
Мекартни во една прилика времето минато во Хамбург го опишува како „800 часа во сала за проба“.
Минале низ се’, па дури и мавање со шишиња, по што морала да интервенира полицијата. „Битлси“ еднаш завршиле и во станица поради пореметување на јавниот ред и мир.
Нивниот успех веќе почнал во Хамбург. Таму ги чул Хорст Фашер, кој ги повикал во неговиот клуб „Стар“, кој бил на далеку подобар глас за разлика од дотогашните клубови во кои настапувале.
Со славата дошла и првата плоча, која постигнала успех, се нашла на петтото место на германската топ-листа.
За време на дочекот на Новата година во 1963, последен пат настапиле во клубот „Стар“. После тоа почнала нивната вистинска слава. Инаку, во клубот „Стар“ настапил и тогаш едвај познатиот Џими Хендрикс.
Клубот „Индра“ се’ уште постои. Зградата не е во многу подобра состојба од она што била во 1960 година, меѓутоа сега ја краси натпис: „Индра“ – место каде што „Битлси“ свиреа првпат.