Од творештвото на Ефтим Клетников
Зад ограда се распеал цветот,
и се чуди Малата Принцеза:
се спрострело цело лето
таму, и бубачките го везат
килимот од сите летни бои.
И кошничката таа ја зема,
со светлина очите ги пои,
оти поубаво нешто нема
за неа, па лиднува низ поле.
Во ридјата потоците грмат.
Гледа, просторот е чудно голем,
исткаен од злато и од срма.
Сè се ведне за поздрав пред неа,
борот, дабот, честакот од ели,
штурците и птиците што пеат:
„Добредојде кај нас“ сè ѝ вели.
После во шумата влезе таа,
во која Духот шумски, без да знае,
од кладенците што тивко сјаат
ја здогледа скришум, на дно стаен.
Магична е, чудна таа слика.
„Сведни се над вода“ сал ѝ збори
нејзе, призракот ја таен вика
да ја згаси жедта што ја мори.
И таа се сведнува на крајот,
ама ја зграпчува, ѝ го краде
тој Маѓесник ликот сосе сјајот
и не сака назад да го даде.
А Малечката Принцеза плаче
за милост го моли него сега,
ама е сè појќе тој призрачен
и со рацете ја силно стега.
Ја бакнува нежно тој во уста,
заљубен е и гори во треска.
како јаспис е шумата густа
на дното од кладенецот што блеска.
Убав е тој Призрак, и го гледа
Принцезата, но сепак е страшен
тој, и таа во паника, бледа,
врти кругови со взорот вџашен.
Гребе, сака дома да се врати,
но без ликот заробен не може.
В дланките на Духот тој се злати
како кристал под водите сложен.
Ту ја мрачи нешто, ту ѝ свети
нејзе, трепери во страв, се чуди,
и крикнува, најпосле се сети:
сон е тоа, треба да се буди.
И тоа се случи. Ама, смајна,
Принцезата гледа, покрај неа
кошничката е со летна тајна
полна, со јаготки што се смеат.
И си мисли таа сега сал:
дар од Духот дали тоа не е,
на разделба тој што ѝ дал
в сонот уште призрачно што грее.