Милиони семејства во САД ризикуваат да останат без вода поради неплатени сметки додека завршува мораториумот на отплата на долговите во државата, и покрај рекордните нивоа на невработеност и зголемувањето на проблемите предизвикани од пандемијата, пишува „Гардијан“.
Водата за пиење беше гарантирана за околу две третини од Американците, додека компании што ги обезбедуваат јавните услуги ги суспендираа искучувањата поради предупредувањата на здравствените експерти дека хигиената, а особено миењето раце се круцијални во спречување на ширењето на вирусот.
Но сега, барем 115 локални мораториуми што се однесуваа на исклучување на водата, вклучувајќи ги и наредбите во сојузните држави Индијана и во Охајо истекоа. Тоа става отприлика 46 милиони луѓе во ризик да останат без вода додека пандемијата беснее.
Уште 21 милион луѓе ќе го изгубат гарантираниот пристап до вода до 1 септември според анализата од непрофитната група „Фуд енд вотер воч“ (ФВВ), додека бројни наредби на властите се пред истек, вклучувајќи ги и мораториумите воведени во Висконсин и во Мерилинд.
Повеќе од 5,2 милиони луѓе во САД беа позитивни на коронавирус, што резултираше со барем 165 илјади смртни случаи, што е „најцрн“ биланс во светот.
Сепак, федерлните законодавци ги игнорираат повиците за гарантирање на пристап до вода до крајот на пандемијата преку воведување на национален мораториум на исклучувањата, како и преку пружање на финансиска поддршка за компаниите за јавни услуги.
– Нашата држава е во криза. Луѓето имаат проблеми и нашите лидери не изневерија. Никој не треба да се грижи дека ќе му биде ускратена водата бидејќи заостанал со плаќањето сметки, особено за време на глобална пандемија. Конгресот итно треба да донесе пакет за ублажување на последиците што ги става луѓето на прво место и ги прекинува исклучувањата низ државата – вели Мери Гренд од ФВВ.
Економските последици од пандемијата се досега незабележани. До средината на јули повеќе од 31 милион луѓе побараа помош достапна за невработените, а стапката на невработеност е над 10 отсто, според последните владини проценки.
Со овој проблем се соочува семејството на Брендон Денисон од Охајо, кој работи како изведувач на градежни работи. Тој остана без работа кога беше воведен карантин во март. А се пријави за помош во јуни кога сфати дека му е достапна.
– Не гладувавме бидејќи добивме бонови за храна, но скрпивме крај со крај само бидејќи почнав да работам заедно со еден сосед, како и поради мораториумот на сметките за струја и за вода – вели 29-годишниот Денисон, кој живее заедно со неговата партнерка Ешли (30) и со нивните шест деца кои се на возраст до 10 години.
На 20 јули им беше исклучена водата, без предупредување, поради неплатен долг од околу 200 долари. Денисон не знаеше дека мораториумот бил укинат во Охајо пред 10 дена. Тие повторно добија вода откако родителите на Ешли им дадоа пари да ги платат сметката и повторниот приклучок. Семејството моментно должи четири илјади долари за сметките за струја, а тој мораториум завршува следниот месец. Денисон бара работа која ќе му биде неопходна да се грижи за семејството.
– Потполно сум загрижен за пандемијата. Многу е стресно да се мисли на децата, но јас морам да најдам работа – категоричен е Денисон.
Пристапот до чиста вода веќе беше голем проблем во САД и пред пандемијата, додека рекордните зголемувања на цените втураа милиони американци во сиромаштија. Долгот за сметките за вода е непознат, но неодамнешно истражување од организација која се занимава со таа тематика откри дека 1,1 милион домаќинства во 12 големи градови должат околу 1,1 милијарди долари за сметките за вода.