Основачот на „Мајкрософт“ Бил Гејтс стана централна фигура во приказната за ковид-19. Неговата фондација вети повеќе од 350 милиони долари за борбата против вирусот, вклучувајќи и средства за финансирање на напорите за производство на вакцина на „Астра Зенека“, „Џонсон и Џонсон“ и „Новавакс“. Но, Гејтс сепак е оцрнуван од противниците на вакцинацијата и теориите на заговор кои тврдат дека тој го создал коронавирусот заради сопствени цели. Милијардерот, во разговор за „Блумберг“ вели дека е оптимист во врска со изгледите на светот за победа над коронавирусот, сметајќи оти луѓето нема да веруваат во раширените луди теории.
Тој смета дека обидите за развој на вакцина против ковид-19 би требало да донесат резулати и покрај можните неуспеси.
– Би биле среќни да имаме нешто повеќе до крајот на годината. Дотогаш, во 2021 година, повеќе други вакцини веројатно ќе бидат одобрени. Со толку многу држави кои работат на вакцина, можеме да си дозволиме повеќе неуспешни обиди и пак да имаме нешто долготрајно и со ниска цена – истакна Гејтс.
Тој се осврна и на антиваксерите кои ги доведуваат во прашање вакцините.
– Во двата наврата во кои бев во Белата куќа од 2016 година, ми беше кажано дека треба да ги слушам антиваксерите како Роберт Кенеди помладиот. Па, да, иронично е што луѓето ги доведуваат во прашање вакцините, а ние треба да кажеме, о боже, како поинаку можеме да излеземе од една трагична пандемија – вели милијардерот.
Гејтс смета дека вакцината против ковид-19 не треба да биде задолжителна.
– Правејќи нешто да биде задолжително може да има спротивен ефект. Но, на пример, ако работите во старски дом или сте во близина на постари луѓе, таа би можела да биде задолжителна. Колку долго поминало откако сте прегрнале некого кој не живее во вашиот дом – напоменува Гејтс.
Тој мисли дека теориите на заговор во кои се тврди дека тој е заинтересиран за истражувањето за вакцините за да ги конролира луѓето преку користење на технологијата 5Г се чудни.
– Тоа е чудно. Тие го изобличуваат фактот за мојата вклученост во вакцинацијата, па според нив, наместо да давам пари за да спасувам животи, јас заработувам пари преку губењето на животи. Ако тоа ги спречува луѓето од примање на вакцината или од осознавање на најновите податоци за носење на маска, тогаш тоа е голем проблем – категоричен е основачот на „Мајкрософт“.
– Потребна ни е соработка во државите и меѓу нив. САД уште не помогнале во обезбедување на пари за посиромашните држави. Ние финансиравме повеќе истражувања отколку која било друга држава, но кога станува збор за фабриките и обезбедувањето средства, се грижевме само за себе. Секој телефонски разговор со водечките луѓе од фармацевтската индустрија или од државните лидери е со цел сите да бидат заштитени – објаснува Гејтс.
Милијардерот смета дека светот ќе излезе од пандемијат до крајот на идната година.
– Иновациите во терапијата ќе почнат да ја намалуваат стапката на смртност, но конечниот крај ќе дојде по ширењето на природните инфекции и кога вакцината ќе ни даде колективен имунитет. За богатите држави тоа ќе се случи во текот на следната година. Според идеалното сценарио, во првата половина на годината. Ќе излеземе од пандемијата до крајот на 2021 година – заклучува Гејтс.