Истражување што се спроведува во рамките на Советот за регионална соработка, покажува дека задоволството на јавноста во шесте земји од регионот, иако под просекот, сепак бележи подобрување
Македонија во моментот се соочува со бран оптимизам по надминувањето на политичката криза, која предизвика застој во функционирањето на државата, па, така, меѓу другото, дури 75 проценти од вработените Македонци веруваат дека и натаму ќе бидат вработени во следните 12 месеци, што е највисок процент во регионот. Тоа е еден од резултатите содржани во четвртото издание на Балкански барометар 2018 (ББ 2018), што вчера беше презентирано во Брисел во рамките на состанокот на Советот за регионална соработка. Освен тоа, во изданието се вели и дека 71 отсто од македонските компании сметаат дека квалитетот на регионалната соработка е мошне важен за напредокот на нивниот бизнис.
Ова е четврто издание на Балкан барометар, истражување што се спроведува во рамките на Советот за регионална соработка, а во кое се обработуваат податоци за очекувањата и за аспирациите на населението во регионот и на бизнис-заедницата за теми поврзани со животот и со работата, социоекономските и политичките трендови, како и регионалната соработка и европската интеграција.
Генерално истражувањето покажува дека задоволството на јавноста во шесте земји од регионот, иако под просекот, сепак бележи подобрување.
– Граѓаните во регионот се многу попозитивни во однос на иднината, отколку кон сегашната состојба. Невработеноста сѐ уште е најголемиот проблем со кој се соочува регионот, има сигнали за подобрување на состојбата на пазарите на трудот, што се оценува како позитивен тренд во насока на спречување на одливот на мозоци – се вели во изданието.
И додека подобрувањето на економската состојба и зголемувањето на вработеноста, според истражувањето, позитивно влијаат врз чувствата на граѓаните, политичката ситуација сѐ уште ги влече надолу перцепциите.
– Сѐ уште е евидентна ниската доверба во политичките институции и широко распространетата апатија меѓу граѓаните, а повеќето од испитаниците одговориле дека не се подготвени да се вклучат во процесот на носење владини одлуки – е еден од објавените заклучоци.
Подобрувања се забележани во однос на регионалното расположение за интеграција во ЕУ.
Јавниот индекс на задоволство бележи зголемување за седум отсто, од 35 во 2015 на 42 отсто во 2018, а регионалните стопанственици позитивно ја оценуваат како сегашната состојба, така и натамошниот прогрес. Процентот на задоволни стопанственици е 62 отсто во однос на 47 во 2015. Педесет и шест отсто од граѓаните се незадоволни од моменталната економска состојба, додека задоволство изразиле 14 отсто, што е за пет проценти повеќе од 2015 година.
Шеесет и девет отсто од граѓаните на Балканот својата социоекономска состојба ја сметаат за просечна. Четириесет и седум отсто не можеле да си дозволат викенд надвор од дома во изминатите 12 месеци (во 2015 овој процент изнесувал 53), 19 отсто не можеле соодветно да го затоплат својот дом (во 2015 година 22 отсто), 21 отсто не можеле да платат наемнина или сметки (во 2015 – 29 отсто), а 14 отсто не можеле да си дозволат основни намирници, како облека и храна (во 2015 – 21 отсто).
Забележан е исклучителен недостиг од доверба во институциите. Парламентот е институција, која ужива најмала доверба – 28 отсто, а најголема има омбудсманот 37 проценти. Подмитувањата се доминантни во здравството за 15 отсто од испитаниците, шест отсто сметаат дека тоа се случува во полицијата, а четири проценти во судството.
– Најкорумпирани, според испитаниците, се политичките партии – 79 отсто, потоа следуваат вработените во правосудниот систем за кои се определиле 75 отсто, за царина и здравство се определиле 74 отсто, 63 проценти се определиле за образованието, а 42 проценти за корумпирани ги сметаат верските лидери. Седумдесет отсто од балканските граѓани сметаат дека нивните влади не се справуваат ефикасно со корупцијата – се констатира во изданието.
За разлика од 2015 кога 27 отсто од испитаниците веруваат дека нивната земја ќе влезе во ЕУ до 2020 година, сега тој процент изнесува 12. Забележано е зголемување на испитаниците, кои веруваат дека нивната земја ќе влезе во ЕУ до 2030 година, од 14 отсто лани на 20 отсто во ова истражување. Дваесет и шест отсто од анкетираните сметаат дека тоа нема никогаш да се случи.
Задоволството од севкупната безбедносна состојба е под просекот. На скала од еден од пет, оваа година задоволството од безбедноста изнесува 2,6, а лани било 2,5. Истражувањето е спроведено кон крајот на минатата година од ГфК на примерок од шест илјади граѓани и 1.200 компании. П.Р.