Од една страна, за странските дипломати ние имаме руинирано правосудство, кое е подложно на влијанија и едноставно не заслужува да биде дел од европското семејство, а, од друга страна, токму странски дипломати директно се мешаат и оценуваат неправосилни одлуки. Меѓународната заедница преку вакви примери уште еднаш докажува дека користи двојни аршини кога ја коментира правната држава во Македонија
Во судски процес што траеше сѐ на сѐ десетина дена во велешката судница, поранешниот претседател на Кривичниот суд – Скопје, Владимир Панчевски, беше осуден на три и пол години затвор за злоупотреба на службената положба и овластување, поради рачно доделување предмети кај подобни судии, а не преку АКМИС. Во секоја функционална демократија со здрав и етаблиран правосуден систем една ваква вест не би предизвикала посебно внимание во јавноста, бидејќи, нели, никој не е над законите и правдата, кои мора да важат за сите еднакво. Сепак, токму одредени случувања поврзани со оваа одлука одново го ставаат на испит македонскиот правосуден систем, одново го актуализираат прашањето за начинот и брзината на одлучување и одново ја наметнуваат дилемата за политички влијанија, па дури и мешање на странски дипломати во судската власт. Сите овие потпрашања и дилеми се пресериозни за тукутака да се помине преку нив, особено што за Македонија правосудниот систем со години е рак-рана и најголема кочница на патот кон ЕУ.
Но ајде да тргнеме по некој редослед.
Првостепената пресуда на велешкиот суд не е конечна и не е правосилна, бидејќи за случајот се уште траат законските процеси за жалба. Во такви околности експресното соопштение од една странска амбасада, со кое пресудата беше поздравена и поддржана како одличен чекор за владеењето на правото и позитивен пример за барање одговорност за оние што се обвинети за поткопување на судската независност, може да се толкува токму во насока на поткопување на судската независност.
Не навлегувајќи во оправданоста и аргументите на судската одлука за чија проверка и оценување, секако, се надлежни и други судски инстанци, самиот чин на какво билов мешање во работата на суд, па макар и преку соопштение, е недипломатски гест.
Треба ли некој да го заштити правосудниот систем од какви било замешателства, притисоци или „добронамерни“ сугестии?
Бидејќи кај домашните познавачи на состојбите во судството веднаш се вклучија алармот и сомнежот како е можно да се замижува пред фактот дека странски субјект поздравува неправосилна судска одлука.
Јавајќи на овдешните стереотипи на борбата на доброто против злото, граѓаните судството го доживуваат како нерешлива загатка наместо тоа да биде цврст бастион на владеење на правото и носечки столб на државата. Многу често со македонскиот правосуден систем се поврзуваат проблематични одлуки и постапки. Странците со години ни напоменуваат дека немаме независно судство скроено по европски стандарди, а сега гледаме дека и самите тие се впуштаат во оценување и коментирање неправосилни судски одлуки.
Тука акцентот мора да се стави на терминот „неправосилна одлука“, што значи дека постапката не е целосно завршена и во една таква фаза се непримерни какви било оценки или коментари што може да влијаат на понатамошниот тек на постапката. Во вакви случаи обично министерствата за надворешни работи и правда со соодветна нота би ги „замолиле“ странските дипломати своите размислувања да ги задржат за себе во оваа фаза на процесот.
Од друга страна, меѓународната заедница преку вакви примери уште еднаш докажува дека некогаш користи двојни аршини кога ја коментира правната држава во Македонија. Така, од една страна, за странските дипломати ние имаме руинирано правосудство, кое едноставно не заслужува да биде дел од европското семејство, а, од друга страна, се делат пофалби на неправосилни одлуки.
Брзината на постапување на правосудните органи, пак, е приказна сама за себе.
Зашто јавноста памети примери што се одолжуваат и кочат со години, одредени дела веќе се и застарени. Нејасно е на пример зошто се одолжува судењето за случајот „Монструм“ и зошто со него осум години некој си подигрува како со врел костен, па процесот од пониски на повисоки судови заврши на почетокот.
Има примери и кога правосудниот систем воопшто не постапува по допрен глас или посочени сомневања или индиции за можни незаконски дејства.
Во таа насока, одговорноста за состојбите во кои се наоѓа правосудниот систем во државата очигледно не може да се адресира само на едно место.
Несомнен факт е дека сѐ е збир на фактори што придонеле да имаме правосудна системска хаварија, во која одговорноста не ја преземаат само правниците туку проблемот лежи и кај политичките елити што раководеле со земјата сите овие години од независноста досега. Во тоа замешателство сега изгледа посакаа да впуштат прсти и странците, кога веќе им се дозволува и никој не реагира. Но токму ваквите примери сѐ повеќе и повеќе ќе нѐ оддалечуваат од ЕУ и од заложбите за функционална правна држава.