Изложбата „Археологијата во марките на Македонска пошта“ од четврти август ќе може да се погледне во Археолошкиот музеј во Скопје
Под наслов „Археологијата во марките на Македонска пошта“ во Археолошкиот музеј на Македонија во Скопје од денеска ќе биде поставена изложбата на поштенски марки во организација на асоцијацијата за култура ИКОН. Тоа е втора изложба на ИКОН за презентација на културното богатство од земјава на марки што ги издала Македонска пошта, по ланската, каде што во Музејот на Град Скопје беа презентирани марки со претстави од ликовната уметност. Веќе е планирана и изложба на марки со претстави од историјата на уметноста, со фокус на средниот век, која треба да биде отворена во Музејот на македонската борба на крајот на август.
Марките со претстави на археолошките предмети отпечатени во периодот од 1996 до 2019 година ќе бидат изложени на осум табли, каде што, меѓу другото, ќе може да се видат и дел од претставите на теракотните икони од локалитетот Виничко Кале („Данаил меѓу лавовите“, „Свети Христофор и Свети Ѓорѓи“ и др.), фрагменти од мозаиците од античкиот град Хераклеја (детали од нартексот на големата базилика: „Кербер“, „Бик“, „Приказ на вселената“ и др.). Ќе бидат застапени и примероци на марки со претстави на дел од откриените неолитски предмети од теракота, меѓу кои се и два аксиоса и жртвеникот, модел на Големата Мајка од Тумба Маџари, како и марки со претстави на антички монети од Македонија, но и на антички накит, каде што спаѓаат и обетките со гулаби од Марвинци. Публиката ќе има можност да види и марки со претстави на средновековни монети од времето на Константин Драгаш, на златните погребни маски од Требениште и Охрид и др. Една од таблите ќе ги содржи и техничките податоци за сериите на марките, за бројот на отпечатените примероци, за името на нивниот автор, нивната номинална вредност и др.
– Поштенските марки се многу податливи за работа, многу се интересни. Граѓаните ретко имаат можност да ги видат, а со изложбите видливоста ќе им се зголеми. Со запознавање на марките и со културното богатство се верифицира неговата вредност, тоа е на некој начин она што го нарекуваме превентивна заштита. Секое презентирање во кое се истакнува вредноста на културното наследство е добро за негова заштита затоа што нему не му се обрнува многу внимание. Дел од луѓето археолошките предмети ги гледаат само како уште една „керамитка“, а кога ќе ги видат отпечатени на поштенска марка веќе кон нив имаат сосема друг однос, гледаат дека тие имаат вредност. Тоа ни е и идејата, вредното културно богатство да се шири и преку марки, кои патуваат низ времето и просторот. Марките се и најдобри амбасадори. Јас секогаш кога испраќам некое писмо во странство лепам марки што се од нашето културно богатство, а луѓето позитивно реагираат кога ќе го добијат. За жал, мојот пријател, сликарот Бернхард Холеман, со кого со години си разменувавме писма, почина. Сега имам и многу такви писма со марки, а јас и тој, на некој начин, како мали деца се радувавме на марките што ќе ги добиевме. Тоа беше една интересна комуникација со него, а и на други уметници од странство со кои соработувам, кога ќе им пратев писма со марки тие со големо воодушевување ми враќаа писма, особено кога ги работев проектите со мејл – арт-уметност. Одвреме-навреме ја продолжувам таа серија. За мене тоа претставува повеќе пријателство, некој вид игра – посочи Климе Коробар, претседателот на ИКОН.
Изложбата „Археологијата во марките на Македонска пошта“ се реализира во соработка со Археолошкиот музеј, Поштата на Северна Македонија учествува со марки, додека финансиската поддршка е на Министерството за култура и на Град Скопје. Во нејзини рамки се отпечатени и поштенски картички во по два примероци со претстави на археолошки артефакти од земјава.
– Останува понатаму да се направи и изложба со марки на темата етнологија. Зачудува што има доста марки од овие области за кои правиме изложби, а луѓето не ни знаат за нив, но и поштата не ги презентира. Јас не сум класичен филателист, на друг начин ги правам презентациите на марките. Започнав пред 12 години со филателистичката изложба за уметноста на Дрезден за што во овој град добив и бронзена плакета. Имам голем број марки, меѓу другото и албум со кинески марки, министерско издание што го добив на подарок. Сметам дека и ние како држава треба да направиме еден таков албум со марки што го покажуваат нашето културното богатство. Досега не сме го направиле тоа, а такви албуми ни се потребни – вели меѓу другото Климе Коробар.