ФУДБАЛ – МЕНАЏЕР НА ГОДИНАТА ВО АНГЛИЈА

Германецот Јирген Клоп е прогласен за менаџер на годината во Англија од Здружението на менаџерите (ЛМА) од клубовите во четирите професионални фудбалски лиги. Признанието што го носи името на легендарниот менаџер на Манчестер јунајтед, Алекс Фергусон, Клоп го доби за освоената шампионска титула со Ливерпул во Премиер-лигата, прва по 30 години за клубот.
– Пресреќен сум што го добивам ова признание, именувано по човек кому многу му се восхитувам. Тој беше првиот британски менаџер што го запознав и заедно појадувавме. Тоа беше многу одамна и не сум сигурен дали се сеќава воопшто на тоа, но јас ќе го паметам засекогаш. Чувството е извонредно затоа што гласаа колегите менаџери. Чест е да се биде во друштво на толку многу менаџери што беа прогласувани за најдобри во минатото, вклучувајќи и од Ливерпул како Бил Шенкли, Боб Пајсли, Џое Феган, Кени Далглиш и, пред неколку години, Брендан Роџерс – изјави Клоп, заблагодарувајќи им се и на своите соработници.

По објавата дека Клоп е добитник на ова признание се огласи и Фергусон.
– Тоа е наполно заслужено. Нивото на игри на вашиот тим беше извонредно. Вашата личност се отсликува низ целиот клуб. Ви простувам и што ми телефониравте и ме разбудивте во 3.30 часот наутро за да ми кажете дека ја освоивте лигата. Ви благодарам – гласеше пораката на Фергусон.
Признанието се доделува од 1993 година и најтрофеен е Фергусон, кој пет пати бил прогласуван за најдобар. Дејвид Мојет трипати бил менаџер на годината, по двапати Арсен Венгер и Стив Копел итн.