Во Грција од утре ќе биде задолжително да се носи маска во затворен простор на голем број јавни места со цел да се спречи ширењето на коронавирусот, изјави заменик-министерот за цивилна заштита Никос Хардалиас.
Пред десетина дена, здравствените власти објавија дека маските се задолжителни во супермаркетите и во јавниот превоз.
Новите мерки ќе стапат на сила утре и ќе биде неопходно да се носи маска во продавниците, канцелариите, банките и пекарниците. За сега, црквите се исклучени.
– Растот на бројот на заразени лица во Атина и Солун покажува дека вирусот е присутен. Оваа регулатива е за општо добро. Ситуацијата не смее да предизвика паника, но потребно е да се почитува – истакна Хардалиас.
Грчкото Министерство за здравство минатата недела објави дека земјата не се соочува со друг бран на инфекција, но дека тие мора да останат претпазливи.
Во Грција 4.227 лица се заразени со коронавирус и 202 со смртен исход.