Проектите за старечки домови, кои според обвинителството се фиктивни, всушност биле реални, со потпишани договори донесени на собрание на невладината организација Меѓународен сојуз и проекти прераснати во платформи, истакна првообинетиот во случајот „Меѓународен сојуз“, Бојан Јовановски познат како Боки 13, во својот воведен говор на судењето.
Тој кажа дека невладината функционирала како министерство за социјала, односно дека нема никаква измама и постојат правни акти, потпишани преддоговори и договори и со двете фирми на бизнисмените. Јовановски нагласи дека имал коректен однос со бизнисмените, кој во спротивно би бил нарушен во случај на измама.
– Силјан Мицевски и Ардијан Амзоски ниту се мали деца, ниту деловни неспособни за да бидат измамени. Фактот за мојот коректен однос говори дека не постои измама. Дента кога бев уапсен разговорав со Мицевски. Ми рече, нека ти е среќен пат на одмор, ќе се видиме кога ќе се вратиш. Замислете човек што си го измамил да ти посакува да си поминеш убаво на одмор – рече Јовановски.
Во случајот „Меѓународен сојуз“, заедно со Јовановски обвинети се и Јасна Мандиќ, Фросина Ременски, Миле Јовановски и Христина Блажеска за кривичните дела „измама“ и „перење пари“.
Јавното обвинителство претходно соопшти дека со дејствијата опишани во обвинението за кривичното дело „измама“ се товарат првоосомничениот Бојан Јовановски, а три лица се обвинети за помагање во извршувањето на истото кривично дело, воедно за кривичното дело „измама“ е обвинето и правното лице. Првообвинетиот се товари и за кривично дело „перење пари и други приноси“, при што три лица се обвинети дека му помогнале во извршувањето на ова кривично дело. Обвинителството тврди дека обвинетите ги измамиле бизнисмените Силјан Мицески и Ардијан Амзоски, дека ќе учествуваат во проект за изградба на старечки домови.