Научниците од колеџот „Кингс“ во Лондон открија шест форми на манифестација на ковид-19, од кои секоја има свој сет на симптоми, кои беа објавени од светските медиуми. Студијата е објавена на 16 јуни на веб-страницата од овој колеџ, но сè уште не ја минала рецензијата од независни научници. Истражувањето, според „Ројтерс“, ја покажува следната поделба:
тип 1 – како грип без температура: главоболка, губење на чувството за мирис, болки во мускулите, кашлица, болки во грлото, болка во градите, без температура;
тип 2 – како грип со температура: главоболка, губење на чувството за мирис, кашлица, болки во грлото, засипнатост, треска, губење на апетитот;
тип 3 – гастроинтестинално: главоболка, губење на чувството за мирис, губење на апетитот, дијареја, болки во грлото, болка во градите, без кашлица;
тип 4 – тешка форма тип 1: главоболка, губење на чувството за мирис, кашлица, треска, засипнатост, болка во градите, замор;
тип 5 – тешка форма тип 2: главоболка, губење на чувството за мирис, губење на апетитот, кашлица, треска, засипнатост, болки во грлото, болка во градите, замор, конфузија, болка во мускулите;
тип 6 – тешка форма тип 3, абдоминална и респираторна: главоболка, губење на чувството за мирис, губење на апетитот, кашлица, треска, засипнатост, болки во грлото, болка во градите, замор, збунетост, болка во мускулите, скратен здив, дијареја, болка во стомакот.
Пациентите од типот четири, пет и шест се со поголема веројатност да бидат хоспитализирани и да имаат потреба од респираторна поддршка. Истражувањата исто така покажале дека лицата со симптоми од овие групи се постари и ранливи, со прекумерна тежина и со други хронични заболувања, во споредба со луѓето што ги развиле типовите еден, два и три.