Ренате Блауел, поранешната сопруга на сер Елтон Џон бара од него три милиони фунти, тврдејќи дека славниот пејач ги прекршил условите од нивниот договор за развод, пишува „Сан“.
Блауел го тужи Елтон Џон поради пишувањето за нивниот четиригодишен брак во неговата неодамна објавена автобиографија.
Таа тврди дека коментарите во книгата, кои биле целосно позитивни, ги кршат условите на договорот што го склучиле кога се разделиле во 1988 година и ѝ предизвикале долготрајни проблеми со психичкото здравје.
Извори блиски до Елтон за „Сан“ велат дека тој имал пријателски однос со неговата поранешена сопруга и дека во книгата нема ништо што не е веќе познато на јавноста.
– Елтон е шокиран и тажен од тврдењето на Ренате, особено затоа што тој секогаш за неа имал пофални зборови во јавноста – кажал еден од изворите.
Елтон Џон ја запознал аудио-инженерката Ренате во 1983 година, додека работел на неговиот албум „ Too Low For Zero“. Парот се венчал една година подоцна, но се развеле во 1988 година.
Според судските документи Елтон, минатата година се согласил да отстрани одредени пасуси пред објавувањето на книгата „Јас“.
Тој во книгата изразува жалење што „ѝ го скршил срцето“ на Ренате.
– Тој отсекогаш имал многу пријатен однос со Ренате, ја почитува неизмерно и никогаш не би кажал нешто што открива детали од нивниот брак – додава изворот на „Сан“.
Елтон Џон е во брак со Дејвид Фурниш и имаат две деца.