Металург ја почнува втората фаза од подготовките

Металург ќе тренира во Скопје до 30 јули, потоа до 11 август во Маврово, по што ќе следува настап на турнирот во Струга. На 28 јули тимот ќе го дознае противникот во 1. коло од квалификациите за Лига Европа

РАКОМЕТ

Со синоќешниот тренинг во салата „Автокоманда“, ракометрите на Металург ја почнаа втората фаза од подготовките за новата сезона, тренирање во групи до по пет играчи, како што предвидува протоколот за тренирање во сала, кој пред два дена го подготви Ракометната федерација на Македонија (РФМ). Тренерот Зоран Кастратовиќ на собирот ги имаше на располагање само домашните ракометари, а во комплетен состав заедно со интернационалците Металург ќе тренира во текот на наредната недела.
– Добро е што конечно го добивме протоколот за работа во сала, бидејќи до првиот меч од квалификациите за Лига Европа има пет недели. Овие неколку дена до комплетирањето на екипата ќе ги искористиме за антропометриски мерења и за тестирања на домашните играчи, а, според препораките од протоколот, на овие почетни тренинзи ќе работиме индивидуално и во помали групи. Денеска и утре ќе имаме по два тренинга, в сабота еден, а недела е ден за одмор. Утринскиот тренинг в понеделник е предвиден за тестирање на интернационалците, кои треба да пристигнат викендов, а од среда продолжуваме со предвидената програма, адаптирана според препораките што ги добивме од РФМ – изјави тренерот на Металург во пресрет на првиот тренинг.

За новата сезона, Металург своите редови ги засили со српскиот лев бек Момир Рниќ, неговиот сонародник, десниот бек Никола Потиќ, црногорскиот репрезентативен пикер Бранко Канкараш и со хрватскиот репрезентативец, десното крило Златко Хорват. Дел од Металург и во новата сезона ќе бидат македонските голмани Даниел Дупјачанец и Даниел Ѓоргески и младиот српски репрезентативец Предраг Мијатовиќ, потоа крилата Дарко Кондев, Дарио Кофиловски, Мице Шилегов и црногорскиот репрезентативец Милан Поповиќ, пикерите Милан Лазаревски, Црногорецот Лука Вујовиќ и младиот Андреј Митиќ, во бековската линија се десниот бек Мартин Серафимов, левите бекови Михајло Младеновиќ, Теодор Тодески, младиот српски репрезентативец Стефан Додиќ и Хрватот Марјан Мариќ, а од клубот велат дека извесно е и продолжувањето на договорот со главниот дефанзивец на Металург, Велко Марковски. Металург ќе тренира во Скопје до 30 јули, а потоа ќе замине за Маврово, каде што до 11 август ќе работи на техничко-тактичка подготовка на екипата.

– По подготовките во Маврово, продолжуваме за Струга, каде што на традиционалниот турнир ќе ја имаме првата контрола на дотогаш сработеното во однос на уиграноста и на компактноста на тимот. Прифативме учество на турнирот во Чехов од 20 до 24 август, но тоа уште е под знак прашалник. Како и де е, верувам дека по Струга ќе одиграме уште некој контролен натпревар до квалификацискиот двомеч од првото коло за ЛЕ – вели тренерот на Металург.
Според препораките од протоколот, во оваа фаза од подготовките металурзите ќе ја користат само салата, но не и соблекувалните. Во салата играчите ќе одат подготвени за тренинг, а по тренингот секој ќе си замине дома. Во салата ќе биде забранет пристап за надворешни лица.

– Нашата сала „Автокоманда“ целосно ја подготвивме за почеток на подготовките во согласност со протоколите што ги добивме од РФМ од аспект на хигиенско-здравствената заштита на играчите поради актуелната ситуација со коронавирусот. Верувам дека ситуацијата со вирусот ќе се стави под контрола и дека по завршувањето на подготовките сезоната ќе се одвива непречено во сите натпреварувања – вели претседателката на Металург, Зорица Блажевска.
Ждрепката на двојките за првото квалификациско коло за ЛЕ е предвидена за 28 јули. Сезоната во Суперлигата треба да почне на 12-13 септември.