Ракометрите на Металург попладнево ја почнаа втората фаза од подготовките за новата сезона, при што тренираа во групи до по пет играчи, како што предвидува протоколот за тренирање во сала кој го подготви Ракометната федерација на Македонија (РФМ). Според препораките, во оваа фаза од подготовките металурзите ќе ја користат само салата, но не и соблекувалните. Во салата играчите ќе одат подготвени за тренинг, а по тренингот секој ќе си замине дома. Во салата ќе биде забранет пристап за надворешни лица.
Тренерот Зоран Кастратовиќ на собирот ги имаше на располагање само домашните ракометари, а во комплетен состав заедно со интернационалците Металург ќе тренира во текот на наредната недела.
Металург ќе тренира во Скопје до 30 јули, а потоа ќе замине за Маврово каде што до 11 август ќе работи на техничко-тактичка подготовка на екипата, по што ќе следува настап на турнирот во Струга. На 28 јули тимот ќе го дознае противникот во 1. коло од квалификациите за Лига Европа. Сезоната во Суперлигата треба да почне на 12-13 септември.