Автор: Џејмс Грифитс
Си-ен-ен
Две години откако луѓето испратија сонда на Марс, САД и Кина ќе спроведат мисии на Црвената планета со што ќе се отвори нов фронт во зголеменото ривалство меѓу нив. Доколку дозволат временските услови, кинеската ракета „тјанвен-1“ треба да биде лансирана утре од островот Хајнан на југот од државата, иако владата сè уште треба јавно да го потврди датумот. Роверот „Персеверенс“ на НАСА треба да биде лансиран на 30 јули. Двете сонди се очекува да пристигнат на Марс во февруари следната година.
„Персеверенс“ треба да ги одговори прашањата за можен живот на Марс, но и да бара знаци на услови за живот во минатото на планетата и да бара докази за постоењето на микроби. Роверот располага со уред за дупчење кој може да се користи за собирање на основни примероци од карпи и да ги складира за подоцна да ги прибере и испита друга мисија. Доколку биде успешен, „персеверенс“ ќе биде седмата сонда на НАСА што слетала на Марс и четвртиот испратен ровер. „Кјуриозити“, кој пристигна на Црвената планета во 2012 година, сè уште испраќа податоци од површината на Марс.
„Тјанвен-1“, чие име значи „потрага по небеската вистина“, е првата кинеска мисија на Марс. Сондата ќе орбитира околу планетата пред да слета со роверот на површината со надеж дека може да собере важни информации од почвата, геолошката структура, средината, атмосферата на Марс, но и да бара знаци на вода. Во научен труд објавен минатата недела, научниот тим кој стои зад „тјанвен-1“ истакна дека сондата „ќе орбитира, ќе слета и ќе го испрати роверот во нејзиниот прв обид, и ќе ги координира набљудувањата со извиднички орбитер. Ниедна планетарна мисија не била изведена на ваков начин“. Од друга страна, НАСА испрати неколку орбитри на Марс пред воопшто да се обиде за слетување кое претставува мошне тешка задача.
Во нивниот научен труд, научниците од тимот на „тјанвен-1“ ја нагласија можноста за меѓународна соработка за „унапредување на знаењето за Марс до досега незабележано ниво“. Не само што нивната сонда и онаа на НАСА ќе пристигнат на планетата следната година, присутна ќе биде и сондата „надеж“ на Обединетите Арапски Емирати кои ја лансираа во неделата. Сондата „надеж“ е прва меѓупланетарна мисија во арапскиот свет. Научниците кои работат за НАСА и за кинеската вселенска агенција имаа колегијален однос во минатото. Тие соработуваа на Меѓународната вселенска станица и си упатија честитки за успешните мисии, како што беше во случајот кога Кина испрати сонда на далечната страна од Месечината и беше првата држава која го стори тоа.
Но за сите оние кои веруваат во спротивното, вселенската трка неизбежно е политичка. Првите мисии на НАСА, особено оние со историското слетување на Месечината во 1969 година, беа поттикнати од ривалството меѓу Вашингтон и Советскиот Сојуз во Студената војна.
Пекинг од своја страна е свесен за престижот кој може да го добие со престигнување на САД во вселената. Ако „тјанвен-1“ забележи успех, државата има планови во иднина да испрати човечка мисија на Марс. Под водство на претседателот Си Џинпинг, Кина инвестираше милијарди долари во креирање на нејзината вселенска програма и покрај нејзиното зголемено влијание на Земјата со агресивното спроведување на „големата обнова на кинеската нација“. Вселената беше истакната како истражувачки приоритет од страна на кинеската влада во нејзиниот тринаесетти петгодишен план, со посебен акцент на вселенските испитувања и лансирање на вселенско летало во орбитата. Покрај мисијата на Марс, Пекинг исто така планира да лансира постојана вселенска станица до 2022 година и сака да испрати сонда со човечки екипаж на Месечината во 2030-тите години.
Кина подоцна се вклучи во вселенската трка. Иако постигна неверојатни чекори во изминатите децении, за да ја надмине НАСА, барем во однос на причините за фалење, ако не од научен аспект, треба да постигне нешто спектакуларно, како на пример човечка мисија на Марс.
Превод: Билјана Здравковска