Бугарија
Во бугарскиот парламент вчера почна вонредната седница на која се расправа за доверба на владата на премиерот Бојко Борисов, предложена од опозициската партија БСП поради неуспешната борба против корупцијата.
Во пресрет на вонредната седница повеќе од 3.000 демонстранти, главно млади луѓе, го блокираа движењето пред Националното собрание. Демонстрантите очекуваат оставка од премиерот Бојко Борисов и од главниот обвинител Иван Гешев. Во Софија дванаесетти ден се одржуваат антивладини протести.
Протестите се мирни и нема тензии. Голем број полициски службеници го обезбедуваат парламентот. Демонстрантите на различни начини го искажуваат своето незадоволство. Многу од нив носеа книги и читаа на жолтите камени плочки. Други играа разни игри среде булеварот, слушаа музика и танцуваа.
Ова е петти обид на опозицијата да го собори кабинетот на премиерот Бојко Борисов во парламентот. Гласањето на пратениците за доверба на Владата треба да се одржи 24 часа по завршувањето на расправата.