„Фолксваген“ ќе инвестира над четири милијарди евра во Кина
Кинеската економија оствари раст од 3,2 отсто во вториот квартал од годинава, со што стана прва економија во светот што остварува раст по избивањето на пандемијата на коронавирусот, а германскиот „Фолксваген“ најави инвестиции од над четири милијарди евра на кинескиот пазар.
– Отворањето на кинескиот пазар без сомнеж ќе даде поголема можност за „Фолксваген“ – изјави генералниот директор на „Фолксваген“ во Кина, Штефан Фоленштајн.
Според него, германската компанија ќе инвестира повеќе од четири милијарди евра во кинескиот пазар во текот на оваа година. Фоленштајн нагласи дека, иако пандемијата влијаела врз пазарот, „Фолксваген“ покажал добар бизнис во Кина во првата половина од 2020 година, благодарение на тоа што кинеската влада презела голем број мерки за олеснување на товарот на компаниите.
Индустријата за видеоигри не запира
На видеоигри во јуни биле потрошени околу 1,2 милијарда долари во светот, што е за 26 отсто повеќе од истиот период лани.
Во првата половина на оваа година вкупно се потрошени 6,6 милијарди долари во индустријата за видеоигри, што е најголем износ за тој временски период уште од 2010 година, кога биле потрошени седум милијарди долари, јавува електронското издание на „Теч кранч“.
Се чини дека пандемијата имала добро влијание врз индустријата за видеоигри, бидејќи луѓето сега повеќе од кога било се свртуваат кон видеоигрите како примарен начин на забава. С.Т.