Автор: Џошуа Берлинџер

Си-ен-ен

Северна Кореја соопшти дека ќе се вклучи во трката за развој на вакцина против ковид-19 додека светскиот натпревар веќе започна меѓу некои од најдобрите медицински умови во светот и се планирани да се вложат милијарди долари. Но не треба наскоро да се очекува дека некој ќе го преземе водството. Ако може да ѝ се верува на државната Комисија за наука и технологија на Северна Кореја, клиничките тестирања за кандидат за домашна вакцина веќе се започнати, а дебатата сега се одвива околу тоа како да се продолжи со третата фаза која опфаќа човечки тестови. За останатиот дел од светот, ваквото тврдење ги поттикнува сомнежите.

Трката за развој на вакцина за болеста која зарази речиси 14,5 милиони и усмрти над 605.000 лица е една од најтешките и најитните технолошки и научни предизвици со кои светот се соочил во поновата историја. Ќе чини многу, а државите силно инвестираат за да победат во она што прерасна во натпревар на научна надмоќ и национална гордост.

Сепак Северна Кореја е една од државите со најзаостанат здравствен систем во светот и со години се потпира на помошта од Светската здравствена организација (СЗО) за добивање на вакцини и имунизации. Потоа важно е да се напомене дека Пјонгјанг јавно не соопшти дека се регистрирани случаи во државата.

Тогаш како една држава која не регистрирала ниту еден случај на ковид-19 и има лоша економија може да троши време, пари и ресурси за да развие вакцина? Не постои едноставен одговор, но се работи за спој на реален страв од вирусот, како и обид да се убедат Севернокорејците дека лидерот Ким Јонг-ун повторно ќе одговори на предизвикот и ќе го заштити својот народ.

Северна Кореја беше една од првите држави кои го прогласија ковид-19 за сериозна закана и со добра причина: повеќето експерти веруваа дека здравствениот систем брзо ќе се оптовари во пандемијата. Многу севернокорејски медицински капацитети немаат постојан пристап до струја и вода. Често недостигаат лекови и другата медицинска опрема.

Според досегашното искуство се чини дека пандемијата е под контрола во Северна Кореја. Ким на почетокот од овој месец порача дека напорите на неговата држава забележале „одличен успех“, но ги предупреди властите да не се опуштаат бидејќи светската здравствена криза не е завршена. Не е јасно колку силно ќе влијае домашно произведената вакцина врз севернокорејската стратегија за епидемијата. Сепак станува збор за држава која е позната како „Изолираното кралство“.

Сепак, Пјонгјанг мора да признае дека заостанува во трката за вакцина. Заклучно со минатата среда, во светот постојат над 140 кандидати за вакцини во претклинички испитувања и 23 кои веќе се во фаза на клинички тестирања, според листата на СЗО. Дел од најголемите фармацевтско компании кои ги поддржуваат овие вакцини вредат многу повеќе од целата економија на Северна Кореја. Затоа од финансиски аспект, севернокорејските заложби за вакцина се бесмислени. Сликата станува уште појасна ако се гледа низ призмата на можноста за пропаганда.

Во време на конфликт со Јужна Кореја или со САД, севернокорејската програма за нуклеарно оружје е најистакнат пример, и сепак, државата е меѓу осумте во светот што тестирала вакво оружје. Но во последно време, државната новинска агенција на Северна Кореја (КЦНА) често пренесуваше и постојано повторуваше информации за навидум обични технолошки и научни достигнувања. Државните медиуми исто така се насочени на сфери каде што Северна Кореја не ги исполнува потребите на народот, особено во однос на струја и производство на храна.

Секако, производството на вакцина за ковид-19 ќе биде многу потешко од сè друго. Од вчера, КЦНА требаше официјално да го следи напредокот на севернокорејската вакцина, со тоа што единствените информации ќе се споделуваат на официјалната веб-страница на владата. Сепак, можноста да го стори тоа несомнено ќе биде одлична алатка за пропаганда на лидерот чиј мандат се потпира на неговата натприродна способност да го заштити севернокорејскиот народ.

Превод: Билјана Здравковска